Sunday, October 27, 2019

Аксиопистијата на Соединетите Американски Држави (САД)*


   Додека полемиката во Православната Црква беше фокусирана на нефункционирањето на институтот што ќе доделува автокефалност и слични други прашања, САД дефинираа: планови, политики и стратешки цели, спротивни на начелата за дискриминација, нееднакви можности и лош третман на помоќните православни народи во однос на послабите, но меѓународно утврдени народи (нации).
                 Иако, концептот за склопен мир првично се покажа како опасен за народите што имаа цел да владеат со црквите надвор од своите државни и црковни граници, САД, во меѓувреме, изградија целокупен стратегиски процес; овој процес на номинација и на избор на соодветен процес за помирување на Помесните Правослани Цркви (ППЦ), е дел од еден напор Православната Црква да се одбрани од неморални, некомпетентни (шовинистички) или корумпирани луѓе на влијателни позиции во неа.
            Политиката за помош на Православната Црква од страна на САД е егалитаристичка, изедначена пракса при примена на законските одредби што се однесуваат на каноните 17 од Халкидонскиот собор и 25 од Трулскиот собор, каде што се определува 30 годишно непречено управување со една црковна територија, како единствен услов за стекнување автокефалност. Оваа политика на САД претставува позитивна контратежа на постстереотипното сурово вонјурисдикциско владеење, поттикнато од помоќните држави, во однос на послабите.
            САД со своите политики во Украина и на Балканот (во Македонија и во Црна Гора), своевремено се обидуваат да имплементираат комбинација на избалансирано мислење и конкретен пример, критичка проценка заснована на експлицитно наведено образложение и препорака за мир меѓу православните верници (народи во различни суверени држави), како мирољубива потенцијална публика.
        Депонирањето на екстерна сила за зачувување на верата ‒ „исклучуваше развој или напредок, сè додека позитивно нѐ беше поттикната и почуствувана промената од надвор”, и според тоа, православните учења би можеле да се научат на нов начин на одлучување, заборавајќи го стариот, всушност новиот унилатералниот, а би го усвоиле древниот, канонскиот; појавената конфликтност во самата Црква не можеше самостојно да ја изврши потребната промена, затоа таа дојде од надвор, во случајот преку мирољубивите координирачки функции на дипломатијата од САД.
            Православната Црква за момент го пројави феноменот на благодатен анархизам; се најде во скоро нерешлив проблем, состојба, таква што, создаваше веројатност дека никој од учесниците во конфликтот не сака целосно да попушти. Конфликтните страни, ППЦ со утврдените ставови за поимот автокефалност, сметаа дека нивните индивидуални цели се поголеми од сеправославните цели. Сето ова ги ограничуваше усрдно да учествуваат во претстојната трансформација ‒ нелукративност при доделување автокефалност, на мнозински православните влади коишто го побаруваат тоа, во името на народот и на евидентниот развој на автономната Црква. 
             Од друга страна, пак, со цел надминување на автократското самоволие на моќните поединци, епископи (патријарси) во ППЦ, САД ... пристапија кон благообразна позиција за крајно чувствителното прашање во Православната Црква ‒ автокефалноста на Православната Црква, чиишто влади на државите би побарале, цел којашто може да го смири целиот регион; тоа мора да се поддржи по секоја цена.
            Не е неочекувана појава, САД да се најдат во улога на мировен тим лидер во светот; во моментов на многу прифатлив начин, порано на некој свој начин (позитивно/негативен, различно толкуван), тие ја одигруваа својата мировна улога во светот. Сепак, експлицитна е нивната намера; од друга страна, пак, други постапки се оперативните политики на второстепената имплементација (од страна на ППЦ). Овојпат, САД за ефикасно да ги имплементираат своите мировни одлуки, најпрво мораа да се осигураат дека луѓето кои им се потребни за имплементација (Константинополската патријаршија, Московската патријаршија и осѕанатите ППЦ) имаат заеднички интереси; најпрво се осигураа дека можат да обезбедат атмосфера на деескалација и дијалог, во којашто сите ќе соработуваат, притоа ќе создадат симбиотска врска, каква што е меѓусебното пријателство; претходно мораа да ги решат судирите на интереси и да развиваат заемна доверба. Начинот за претворање на потенцијално деструктивниот конфликт е создавање симбиотска поврзаност, којашто ги храни двете страни. Симбиотски, значи дека страните ги гледаат предложените промени, како нешто што на крајот работи во поврзување на сите што се вклучени.
            Највисока симбиотска поврзаност е љубовта. За еден меѓусебен однос може да има корист, една од двете страни треба да не бара за возврат (во случајов САД, барем краткорочно и првично). Каде што има заемна доверба, пак, временската разлика за возвраќањето може да биде подобра отколку кога би немало заемна доверба.
            Спектакуларното е, при имплементација на меѓународни политики, кога некој ќе повлече потег,  притоа позициите на сите учесници да не бидат измрдани од гравитацијата на нивните стратешки ставови.
            Генералната цел (од вкупниот стратегиски процес) на САД е дека: „Ние делиме проблем; заедно сме на бродот.” Сите овие координирачки постапки за постигнување мир во Православната Црква, се со единствена цел сите да бидат задоволни, сите држави да добијат своја Православна Црква, значи дека САД, знаејќи што значи „верата без дела е мртва”, како што вели свети апостол Јаков, и дека „ќе ти ја покажам верата своја од моите дела” (Јк 2, 17 и 20), се одлучија да ги отстранат конфликтите помеѓу државите со мнозински православни народи, и пред сѐ, да го исчистат рудиментираниот опскурантизам на епископатот; тој, пак, многу често покажуваше конфликтни постапки како: „Осквернети и во умот и во совеста (Тит 1, 15).” ‒ оттаму, што имаа територијални претензии (еклисиолошка јурисдикција) во туѓи држави, конфликтна идеја во XXI век
            Голема е улогата на САД, бидејќи, како што вели свети Максим Исповедник: „Денес има многумина кои со зборови ја обременуваат совеста, а сосем малку се оние кои преку своите дела ги поучуваат (другите) или оние кои од дела се поучуваат (се учат од оние кои поучуваат).”[1] 
         Познатиот научник Алберт Ајнштајн забележува: „Денешните проблеми не можат да се решат, со истото ниво размислување, коешто ги создаде”.


Белешки

* Веста дека на 22 Октомври во посета на САД бил Волоколамскиот митрополит г. Иларион Алфеев, при што тој се состанал со Државниот секретар на САД, Мајкл Помпео, е радосна вест за Православната Црква. Еден ден подоцна, Државниот секретар на САД се состанал и со Киевскиот митрополит г. Епифаниј Думенко, кој, исто така, престојувал во официјална посета на САД, за да ја добие наградата за човекови права „Атинагора”.  Во САД, исто така, има делегација и на Грузиската Православна Црква, којашто, исто така, одржала голем број состаноци во Стејтдепартментот од САД.
[1] Свети Максим Исповедник, Предговор на Елпидиј.

Thursday, October 24, 2019

Игнорирање на Законот


       
         Правилата се создаваат за да се кршат или за да се исполнат? „Законот се додаде за да се преумножи престапувањето (Рим 5, 20).” Законот е колективно тело што го попречува остварувањето единствено на индивидуалните интереси.
       Јас сум слободен согласно Законот, затоа што знам дека самиот сум морално одговорен за сè што правам. Оттука, тенденцијата на индивидуализмот, наспроти колективизмот, е остварување слобода во состојба на безвластие. Колективизмот е меѓусебно (личносно) договарање за законските форми (Предание). Законот е создаден за да ја постигне целта ‒ држење престапници одговорни за своите грешки.
          Законот е примарното средство коешто треба да придонесе кон целта. Преку исполнувањето на Законот, ние во себе го градиме принципот на идентификација со него. Спротивно, неговото неисполнување, го прави без импликација колективитетот, а го зацврстува индивидуалитетот, кој, пак, настојува да биде неприкосновен дури и над соборниот колективитет.
    Приматот (првенството, според Литургискиот прототип) е чест, не е арбитражност; изворот на првенство, даденото право, првично, со 28 канон од Халкидонскиот собор, оние за кои се однесува, ги добија своите права за (преку првенствувачка љубов) да ги сузбиваат и да ги уништуваат споровите (посебно со 17 канон), а не да ги создаваат[1]. Но, кога честа настојуваат да ја трансформираат во лични овластувања, генерално за „надсенаторска политика”, тогаш започнува попречувањето на можноста за нормално (соборно) функционирање на законодавниот процес.
       Даденото право има свој извор, тоа е колeктивитетот, којшто го утврдува Законот; тој, пак, го содржи формалниот авторитет, и во материјална смисла претставува збир од правни акти, законски и подзаконски; во формална смисла, никој не може да пренесе права, повеќе отколку што е пропишано[2]; пренесувањето неформални права е правно неосновано, сѐ додека таквите права не бидат колективно утврдени во највисокиот законодавен орган (Вселенските собори).    

         Штом еден Закон е донесен на прописен начин, неговата примена не може да биде условена од ништо; секој е должен Законот да го применува, којшто, пак, е регулатор за меѓусебните правни односи. Секаква дерогацијата на Законот со содржина којашто е спротивна на втемелените уредби за свештените ствари (res sacra) е недозволива, а аброгацијата (укинување или законито изменување на правниот пропис) е дозволена изречно со негова позитивна измена, преку колективно мнозинство, во духот на Преданието.
         Конфронтацијата на двата спротиставени модалитети за поимањето на автокефалноста, првично се чинеше дека само ќе го одложат неизбежното и, уште полошо, ќе го влошат крајниот колапс (раскол). Навидум простата конфронтација предизвика проста линеарна регресија со праволиниска зависност. Двостраното игнорирање на Законот или нарушувањето на принципот на легалитет, ја однесе Православната Црква во раскол; сега сите сме во раскол; и оние што навидум не беа во раскол, и оние што навидум беа во раскол, меѓу нив настана еквивалентност.
     Двостраното игнорирање на Законот, ја доведе до состојба на суспензија мериторноста на Вселенските собори, коишто, пак, единствено тие имаат функција позитивно да го надградуваат.


Белешки 

[1] Воопшто не се неиндиферентни престапите на Законот што се однесуваат на правата другите народи да имаат свои Цркви ... распоредот на црковните области нека го следи државниот или граѓанскиот распоред, определени во 17 канон од Халкидонскиот собор и во 25 канон од Трулскиот. Факторите од овие канони ја регулираат можноста за независно стекнување јурисдикција (автономната Црква да побара независност од автокефалната), притоа никој нема право да ги оспорува факторите и потребните елементи за самоиницијативно декларирање автокефални права.

[2] Атинската архиепископија може да пренесе широки законодавни и извршни овластувања на Константинополската патријаршија, но единствено како нејзин повисок орган на власт, и во рамките на нивната заедничка јурисдикција (доколку е таков начинот на нивно еклисиолошко уставноправно устројство); како автономен Синод, пак, Архиепископијата во своите рамки како субјурисдикција на пошироката јурисдикција од Патријаршијата може да ѝ пренесува некакви права за да одлучува во нејзино име (proxy); таквото пренесување право, доколку некој го поседува како извор на право со некоја конкретна канонска одредба, може само од централно на органите на власт на суб‒еклисиолошко ниво. Во случајот, пренесените права (од Атинската архиепископија) не се однесуваат на нивното внатрешно (локално) процесно право, а не може да се однесува на некакво пренесено право од страна на Атинаската архиепископија на Константинополската патријаршија за екцесивно (нужно) првенство, што се однесува на административното или на судското унилатерално одлучување во целокупната Православна Црква, надвор од јурисдикцијата на Патријашијата. Исто така, неосновано е која било друга патријашија од Истокот (Александриска, Антиохиска или Ерусалимска) да ѝ ги отстапува правата на Константинополската патријашија за одлучување, вон нејзината јурисдикција, и вон процесот на колективно (соборно) одлучување на Вселенските собори. Вонјурисдикциското (унилатерално) одлучување не е во корелација, односно е во колизија со 2 канон од II Вселенски собор.
Досегашните постапки за доделување автокефалност на Помесните Православни Цркви (ППЦ), коишто добија автокефалност кон крајот на XIX и почетокот од XX век, од страна на Константинополската патријаршија, е нејзина легална постапка, бидејќи тие ППЦ биле во рамките на нејзината јурисдикција, којашто ја добила како
последица на владеењето на Отоманската империја.
Како и да е, тоа не може да стане вообичаена административна или арбитражна пракса. Ниту еден патријарх, од која било патријаршија, не може самостојно да биде извор на право, ниту во формална, ниту во материјална смисла; единствено Вселенските собори се законодавен орган за Православната Црква, и она што тие го регулираат има законодавна форма, при што таа ги содржи општите норми од коишто сите ППЦ се должни да ги извршуваат според пропишаниот начин.