Thursday, October 24, 2019

Игнорирање на Законот


       
         Правилата се создаваат за да се кршат или за да се исполнат? „Законот се додаде за да се преумножи престапувањето (Рим 5, 20).” Законот е колективно тело што го попречува остварувањето единствено на индивидуалните интереси.
       Јас сум слободен согласно Законот, затоа што знам дека самиот сум морално одговорен за сè што правам. Оттука, тенденцијата на индивидуализмот, наспроти колективизмот, е остварување слобода во состојба на безвластие. Колективизмот е меѓусебно (личносно) договарање за законските форми (Предание). Законот е создаден за да ја постигне целта ‒ држење престапници одговорни за своите грешки.
          Законот е примарното средство коешто треба да придонесе кон целта. Преку исполнувањето на Законот, ние во себе го градиме принципот на идентификација со него. Спротивно, неговото неисполнување, го прави без импликација колективитетот, а го зацврстува индивидуалитетот, кој, пак, настојува да биде неприкосновен дури и над соборниот колективитет.
    Приматот (првенството, според Литургискиот прототип) е чест, не е арбитражност; изворот на првенство, даденото право, првично, со 28 канон од Халкидонскиот собор, оние за кои се однесува, ги добија своите права за (преку првенствувачка љубов) да ги сузбиваат и да ги уништуваат споровите (посебно со 17 канон), а не да ги создаваат[1]. Но, кога честа настојуваат да ја трансформираат во лични овластувања, генерално за „надсенаторска политика”, тогаш започнува попречувањето на можноста за нормално (соборно) функционирање на законодавниот процес.
       Даденото право има свој извор, тоа е колeктивитетот, којшто го утврдува Законот; тој, пак, го содржи формалниот авторитет, и во материјална смисла претставува збир од правни акти, законски и подзаконски; во формална смисла, никој не може да пренесе права, повеќе отколку што е пропишано[2]; пренесувањето неформални права е правно неосновано, сѐ додека таквите права не бидат колективно утврдени во највисокиот законодавен орган (Вселенските собори).    

         Штом еден Закон е донесен на прописен начин, неговата примена не може да биде условена од ништо; секој е должен Законот да го применува, којшто, пак, е регулатор за меѓусебните правни односи. Секаква дерогацијата на Законот со содржина којашто е спротивна на втемелените уредби за свештените ствари (res sacra) е недозволива, а аброгацијата (укинување или законито изменување на правниот пропис) е дозволена изречно со негова позитивна измена, преку колективно мнозинство, во духот на Преданието.
         Конфронтацијата на двата спротиставени модалитети за поимањето на автокефалноста, првично се чинеше дека само ќе го одложат неизбежното и, уште полошо, ќе го влошат крајниот колапс (раскол). Навидум простата конфронтација предизвика проста линеарна регресија со праволиниска зависност. Двостраното игнорирање на Законот или нарушувањето на принципот на легалитет, ја однесе Православната Црква во раскол; сега сите сме во раскол; и оние што навидум не беа во раскол, и оние што навидум беа во раскол, меѓу нив настана еквивалентност.
     Двостраното игнорирање на Законот, ја доведе до состојба на суспензија мериторноста на Вселенските собори, коишто, пак, единствено тие имаат функција позитивно да го надградуваат.


Белешки 

[1] Воопшто не се неиндиферентни престапите на Законот што се однесуваат на правата другите народи да имаат свои Цркви ... распоредот на црковните области нека го следи државниот или граѓанскиот распоред, определени во 17 канон од Халкидонскиот собор и во 25 канон од Трулскиот. Факторите од овие канони ја регулираат можноста за независно стекнување јурисдикција (автономната Црква да побара независност од автокефалната), притоа никој нема право да ги оспорува факторите и потребните елементи за самоиницијативно декларирање автокефални права.

[2] Атинската архиепископија може да пренесе широки законодавни и извршни овластувања на Константинополската патријаршија, но единствено како нејзин повисок орган на власт, и во рамките на нивната заедничка јурисдикција (доколку е таков начинот на нивно еклисиолошко уставноправно устројство); како автономен Синод, пак, Архиепископијата во своите рамки како субјурисдикција на пошироката јурисдикција од Патријаршијата може да ѝ пренесува некакви права за да одлучува во нејзино име (proxy); таквото пренесување право, доколку некој го поседува како извор на право со некоја конкретна канонска одредба, може само од централно на органите на власт на суб‒еклисиолошко ниво. Во случајот, пренесените права (од Атинската архиепископија) не се однесуваат на нивното внатрешно (локално) процесно право, а не може да се однесува на некакво пренесено право од страна на Атинаската архиепископија на Константинополската патријаршија за екцесивно (нужно) првенство, што се однесува на административното или на судското унилатерално одлучување во целокупната Православна Црква, надвор од јурисдикцијата на Патријашијата. Исто така, неосновано е која било друга патријашија од Истокот (Александриска, Антиохиска или Ерусалимска) да ѝ ги отстапува правата на Константинополската патријашија за одлучување, вон нејзината јурисдикција, и вон процесот на колективно (соборно) одлучување на Вселенските собори. Вонјурисдикциското (унилатерално) одлучување не е во корелација, односно е во колизија со 2 канон од II Вселенски собор.
Досегашните постапки за доделување автокефалност на Помесните Православни Цркви (ППЦ), коишто добија автокефалност кон крајот на XIX и почетокот од XX век, од страна на Константинополската патријаршија, е нејзина легална постапка, бидејќи тие ППЦ биле во рамките на нејзината јурисдикција, којашто ја добила како
последица на владеењето на Отоманската империја.
Како и да е, тоа не може да стане вообичаена административна или арбитражна пракса. Ниту еден патријарх, од која било патријаршија, не може самостојно да биде извор на право, ниту во формална, ниту во материјална смисла; единствено Вселенските собори се законодавен орган за Православната Црква, и она што тие го регулираат има законодавна форма, при што таа ги содржи општите норми од коишто сите ППЦ се должни да ги извршуваат според пропишаниот начин. 
 


No comments:

Post a Comment