Monday, November 11, 2019

За пороците на Македонците, што ни пропаста на татковината не ги поправи



           
            Моралниот закон постои, и е исправен пред човекот како расудување (суд) на совеста, и неговото извршување е оставено на слободната волја од човекот, кој пред Бога ќе одговара, ако тој морален закон е повреден.
            Дека мора да се земе предвид волјата од народот, сведочи самото Свето Писмо (Библијата); истото, не нè упатува на владеење со народот како тирани врз обесправени робови, туку во сè да се почитува неговата волја[1].
            Книгата Битие (од Стариот Завет на Библијата) воспоставува важен елемент во човечкиот идентитет; не само што сме создадени по образ и сличност со Бога, туку човекот е создаден да живее во заедница како еден народ Божји. Во заедница (при меѓусебното почитување на волјите) со другите го манифестираме Ликот на Бога. Во овој поглед, треба да се признае дека меѓусебните односи на човекот е аксиоматски важно за Бога, и тоа е човечка обврска пред Бога, и покрај човечките етнички или племенски разлики. Ова покажува дека Бог, според Неговата мудрост, човештвото сака да живее како еден народ без никаква меѓусебна дискриминација, туку во меѓусебно почитување на сечија народна волја. Библијата, исто така, потенцира дека не треба да угнетуваме странец или народ од различно племе. Од оваа референца јасно се гледа во Книгата Исход, каде што Бог му рекол на Еврејскиот народ да не ги презираат другите племиња, затоа што некогаш и тие биле посебно племе во Египет (2 Мојс 23, 9)[2].
            Основната Заповед на Црквата е, преку својата внатрешна мисија, да го шири Евангелието, и според него да ги определува моралните норми; надворешната нејзина мисија подразбира заштита од неморални појави што ги вознемируваат верниците. Црквата во своето богослужение определила молитвословие што произнесува избавување од: непријателски напади, секаква тага, гнев, опасност, меѓусебна завојуваност.
            Црквата е свесна за огревовениот пат на човекот, знае дека не може да ги надмине сите граници коишто самиот себеси си ги создал. Човекот самиот си создава препреки, и сите седат на препреката, и се туркаат еден со друг. Ме газиш! Не, ти ме газиш мене! Човештвото е зафатено со борба за територија. Освојувањето територии создава тензии и караници (уништува). Тие се занимаваат со одговорностите, наместо со целта на постоењето, според предвечната Божја замисла за неговото постоење.
            Но, со оглед на стриктно дефинираната тема, излишно е во поопширни дискусии да се изврши преглед за правоверноста (Православноста, па и правосудноста) на владеењето со интересите на народот во Р Македонија.

„Terra nullius” (ничија земја).
            Дури и најголемите држави ужаснато ја оплакуваат Македонската пропаст; и најголемите светски лидери се чудат на леснотијата со којашто се овозможува идентитетско бришење на Македонскиот народ. Пристапувањето кон доброволна, неприсилна деидентификација на Македонскиот идентитет, е без исход од војна; главните придобивки се неизвесна  непозната компензација (фондови и неиспитани вредности ... и разни други, неспоредливи со националниот идентитет, лудости, бидејќи, како што вели Хегел „виситината нема цена”); пристапот кон „добрососедско” договарање (опишан како здружување на „коњаникот и коњот”) во конјуктурни услови за непријателот (висок степен корупција во државата), во услови на формално‒правна октроираност, а не како што бил случајот по исходот од Балканските војни, каде што присилно бил склопен „Букурешкиот договор” за поделба на Македонија, сега, пак, на сличен начин е составена Комисија за тргување со вистината.
            И точно, од овој срам (автодеструктивност), и од оваа духовна чума, од ова изопачување на честа и на достоинството на човекот, се „плашел” и Самиот Создател, Кој, создавајќи го, му ја вградил слободната волја, и го поставил неуништливиот принцип на непротивречност на човекот; принципот на непротивречност е многукратно злоупотребуван од човекот, и затоа тој од себе „гради театар”, иако и самиот знае дека лесно може да се уништи, и да се расипе во изобилството што го посакува. Зарем вие „владетелите” не мислите дека државата и народот се среќни ако ѕидините им стојат цврсто, а им се уриваат суровите обичаи? Но, повеќе го ценат изобилието, коешто ги прави безбожно заведени умови, отколку она за што правосудниот систем однапред ги предупредува. Затоа и ниеден владетел не сака да му се припишуваат злата што ги прави (rex non potest peccare). Во владеачката безгрижност, не барајте мирен народ; за безгрижноста на владетелот, не е одговорен вигинтилизмот на народот, напротив; раскошот и моќта, наспроти сиромаштијата и немоќта на народот (репресијата врз идентитетот и осиромашувањето од коруптивноста), историски не останал неказнет.
            Ако сопственикот на имотот го напушти својот имот, тогаш тој имот се нарекува res nullius (ничија сопственост). Сепак, констатирани се многубројни отстапки од 2001 година наваму, што се однесува на: суверенитетот и интегритетот на Македонија, причини од коишто следат малигни агресии на соседите „господари” на Македонија. Меѓутоа, кој е сопственик на идентитетот на еден народ?
            Договорите, самите по себе, обврзуваат. Меѓутоа, pacta malla, pacta nulla (лош договор, ништовен договор); најлошиот договор до сега, е „Договорот за добрососедство”[3]. Самото потекло на еден народ (gentes ‒ народи или нации) не исчезнува. Ако ентитет или идентитет, со своја посебна форма, пробуваме да го уништиме, сепак, кога ‒ тогаш, тој мора да се врати, бидејќи има реверзибилни способности. Ако некој позајмил 100кг шеќер, и тој шеќер се истурил или се злоупотребил до негово крајно уништување, позајмувачот мора да му врати 100кг шеќер на сопственикот, и не може да се заштити со измамата, дека шеќерот исчезнал самиот од себе.
            Исто така, не е точно тврдењето дека de facto лидер не може да стане вистински лидер во срцата и во умовите на народот, во народната волја, којашто, пак, прифаќа харизматска личност. Таква личност се станува единствено со осознавање на народните чувства (верските, идеолошките, моралните, правните, економските). De facto лидерот не може трајно да остане на власт, туку мора веднаш да дејствува брзо, и преку атрибутите на суверенитет, којшто првично ги стекнал со узурпација, мора да ги трансформира во законски, уставно и функционално да ги издигне чувствата на народот, според инверзен редослед како што погоре ги наведовме.
            Секој „лидер”, пак, останува de facto, кога спроведува договори коишто содржат ништовни клаузули, кога постапува од позиција на моќ, кога постапува над законските форми; нелегитимните средства што ги применуваат немаат уставна функција, и неформално можат да ја вршат власта, сепак е соборливо нивното владеење.
            Имплементаторите на „Договорот за добрососедство”, ги прави да бидат карактеризирани како de facto амбасада (надворешно контролирана и инструментализирана), односно надворешно контролирана организација којашто спроведува туѓи државни политики.
            Наредбите, како што, на пример, ги издавале царевите, имаат за цел да бидат прифатливи и прифатени од народот, при што народот ги одобрува сите формалности, и се очекува тие да бидат легитимирани; кога нешто, пак, се прави за создавање површен изглед на законодавната и диктаторска хармонија, наместо на народот да му се покаже вистинската моќ на општото добро, тогаш владетелот својата несигурност ја делигира (врши деволуција) на пониските раководни нивоа, притоа овластените го користат „гумениот печат”, како политичка метафора, наместо неговиот личен ракопис (потпис). Целта е да се пренесе неформално (коешто не подлежи на санкции, не предвидува одговорност) овластување за исходот, посебено доколку се очекува негативност, во таков случај владетелот се иззема од должност; и спротивно, доколку е исходот позитивен, сите заслуги се негови. Затоа, Комисијата за спроведување на одредбите од „Договорот за добрососедство”, не го поседува законското право (intra vires), при што функционира надзаконски (ultra vires); за да постои, пак, дадено право, мора да опфаќа голем број акти донесени од Парламентот, коишто во целост го определуваат предметот за прифаќање или за отфрлање какви било измени на историските факти.
            О, какво безумие! Овие бесправни дејствија за уништување на идентитетот на Македонскиот народ, не е ништо друго туку инквизициска и постхумна промена на идеалите од дејците за македонската борба. Сите рокови за можно преобликување на историсите процеси се преклузивни; доколку не се, тогаш да се отпочне, со помош на меѓународна арбитража, со ревидирање на Букурешкиот договор. Меѓутоа, историскиот процес е правно иревирзибилен, дури и во случај огромно мнозинство да се најде во заблуда во поглед на наплаќање историски застарени обврски.
            Токму така, безумни се бесправните дејствија за уништување на иднтитетот на Македонскиот народ, коишто се формализираат ‒ не директно, преку мнозинската волја на народот, туку индиректно, во октроирани услови на функционирање на Законодавната власт; преку безумието на Комисија (формална „институција” крајно зависна, и без никакви [делигирани универзални] права, условена од иста таква, но непријателска Комисија на туѓа држава), како што слушнавме од медиумите; истата нема директен извор на право (природно или универзално), што е потребно за членовите да имаат законско покритие, иако Договорот е ратификуван од Македонскиот законодавен дом (составен од претставници на граѓаните во законодавното тело кои се овластуваат да донесуваат закони во нивно име); станува збор за Комисија (двајца без тројца; во никој случај експертска, како што лажно се преставува во јавноста) којашто, пак, од никаде не го црпи изворот на правото (устав [во којшто не е вградена волја за промена на идентитетот], закони, подзаконски акти) во име на народната волја ‒ неовластено да му ја менува идентитетската волја, бидејќи народната волја што го определува идентитетот е универзален закон на разумот ‒ jus gentium. Каква делузија е „Договорот за добрососедство”? Каков договор е потребен за нациите што се во мир едни со други (што немаат меѓусебни претензии), дури и без да имаат вистински мировен договор во сила. Обичајното право за почитување сечија народна волја, според концептот од „Обединетите нации”, мора да биде прифатено од сите нации.
            Главен стратегиски елемент (фундаменталност) на една држава[4] е постоењето и долгорочното одржување на нацијата, којашто апсолутно формирала кохерентен дух (принцип на тоталитет). Синтагмата „држава – нација” потекнува од француските мислители, кои нацијата ја гледаат како неуништлива структура на човечкото општество, и којашто трае со милениуми, и во иднина ќе остане, важен факт за меѓународниот живот.
            Народот не може да биде во подолг рок (можеби во пократок) да ги толерира суптилните измени, односно самоизмама е потценувањето на народната самосвест. И властите во една држава треба да знаат дека: „Народот само привремено ја доверува сувереноста на законодавецот. Во случај да се изневери довербата на народот, тој има право на револуција.” Стравот од пропаст (неегзистенцијалност на нацијата), ја руши диктатурата.
            Секој народ (население или нација) во светот уредува свои статути и обичаи (leges et mores), и ги почитува сопствените закони, но и обичајните (универзалните) закони на целото човештво. Законот што народот го утврдува, самиот по себе, е необичаен (променлив), и се нарекува jus civile (граѓански закон), како посебен закон на тој civitas (држава), додека, пак, законот што природниот разум, како што е припадност на група, народ или нација, го воспоставува меѓу целото човештво, и го следат сите народи, е обичаен (непроменлив), и се нарекува jus gentium (закон на народите или закон на светот), како закон што го следи целото човештво. Како форма на природно право (natural law), пак, jus gentium се смета за „вродено во секое човечко суштество (битие)”. Природното право се разликува од граѓанските закони; коишто се напишани, а тоа освен што е непишано, е и непроменливо со ниту еден општ правен акт (устав, закон или подзаконски акт), бидејќи е mos maiorum или „обичаи од предците”, освен со успешен референдум како израз од народната волја со мнозинството гласови.
            Цицерон, во својот трактат „De officiis”, смета дека јus gentium е повисока форма закон (заб. универзален, како што е националното чувство и припадност на нација), бидејќи во себе ја поседува моралната обврска што ги обврзува човечките суштества надвор од барањата на граѓанското право[5]. Оттука, заради универзалноста на волјата за стриктно утврдена нација, „Договорот за добрососедство” е ништовен, бидејќи се спроведува преку механизмите на законодавниот систем.
            Прво, националната волја (чувство) е аподиктички принцип; она што не треба или не може да се докаже со закон или преку договор. Второ, полемиката со Бугарскиот народ е залудна, бидејќи никогаш не можат да се договорат заеднички правила, факти, претпоставки (contra principia negantem non est disputandum), а поради тоа ќе стагнираат и обврските за економски развој на двете држави: Македонија и Бугарија. 

Адхезионен договор
            Меѓутоа, иако делузивно, спротивно на релевантите факти за македонскиот отпор кон какво било договарање, односно изменување на фактите од историјата, македонската договорна страна пристапи кон адхезионо договарање. Свесно или несвесно, се избра моделот намерно на едната договорна страна да ѝ се дозволи значително поголема моќност во однос на другата договорна страна, при креирањето Договорот, всушност Комисиското договарање. Во вакви октроирани констелации најчесто едната волја изостанува, договорањето станува унилатерално (еднострано), продуцира унилатерална грешка, притоа договорот не е израз на волјите од двете страни. Тогаш, кој ќе ја преставува македонската волја во „Договорот за добрососедство”? Договорите детерминираат облигациони односи, настануваат како согласност на волји, но во случајот, македонската волја изостанува, а облигацијата за Македонскиот идентитет и свеста за Македонската национална борба (антиасимилација и антиакултурација) останува како обврска за имплементирање (во образовниот процес на идните генерации)!
            Оваа фаза е пред‒фаза на фазата „робување”, којашто е процес на акултурација или културна асимилација, со цел постигнување еден вид агностицизам за постоењето на Македонскиот народ, каде што малцинската група или култура започнува да се потсетува (радикална промена на културната или народната меморија) на оние од доминантната група (Бугарската историја). На овој начин, преку комисиско договарање, македонската договорна страна станува маргинализирана група, којашто постепено се прилагодува на културно подоминантната општествена (бугарска) група или култура. Феноменот што ќе произлезе, кога нашата различна (од бугарската) култура во континуиран (доминионски) контакт, континуирано ќе доживува последователни промени во сопствените културни обрасци ... прво акултурацијата ... па асимилација, којашто е дел од фазата акултурација. Асимилацијата е секогаш принуда од две влади. Без овој услов, таа не може да настане. На доминионската култура ќе ѝ се овозможи, уште во мал временски период, да ја одржува својата културата, дека има посебно потекло, потоа ќе стане етничка енклава, па ќе се претопи (ќе се асимилира). Доминионскиот народ (во случајот Македонскиот), ќе го изгуби својот дистинктивен етос, односно ќе го изгуби карактерот на верување или идеалите што ја карактеризираат Македонската заедница. Општиот етос на народот треба да го одредува однесувањето на политичарите, а не обратно. Меѓутоа, остануваме на тврдењето дека, кога ќе се изневери довербата на народот, тогаш тој има право на револуција. Сепак, правото е еманација на народната волја, тоа е духот на народот, тој е носител на апсолутен авторитет.

Slave‒holding
            Оваа фаза може да се утврди, да стане поредок, доколку се изврши планот да исчезне една нација со (ништовен) Договор; или, пак, фазата може да се насочи кон освестување на народот, при што ќе предизвика револт и поништување на сите претходни измами (договарачки или преговарачки).
            Никој не може да прифати ветување со одредба во име на друг, без proxy vote, односно без делигирано право за застапување по одредено прашање. Оваа претпоставува дека секој човек има своја лична волја, којашто води до општо национална волја; ова правило на нацијата е дека никој не може да го обврзе другиот по своја волја; оттука, никој не поседува моќ да ја обврзе нацијата таа да се преименува (во бугарска, како што е првичната измама). Парадоксот е дека робџијата (slave‒holding) на крајот е немоќен пред заробениот; заробениот кога самостојно ќе се издигне како субјект на законот, нивниот сопственик, робџијата останува беззаконик на универзалните закони за човечките права и достоинства (jus gentium и jus cogens). Концептот потекнува од претпоставката дека секое владеење на правото, што е заедничко за сите нации, мора да биде фундаментално валидно и праведно[6].
            Оној што молчи, не треба да се претпоставува дека се согласува, дека преку молчењето дава согласност, напротив. Ако интересентот (народот) не даде одговор, тоа не може да се толкува како согласност. Тоа, најчесто, се докажува како подоцнежна експресија (општ револт или револуција).
            Измамата корумпира сè. Оној што ќе го измами другиот, ги губи сите придобивки. Оној што ќе ја измами нацијата, нема основа од нејзе да побарува некаква корист, па дури мора да плати за штетата.
            Не може една нација да се донесе во состојба на должничко договарање или на преговарање; дури ако некакви октроирани меѓународни услови диктираат нешто слично, нацијата во договорот или во преговорите не смее по ниту една цена да се постави во улога на должник, како инфериорна договорна страна; таквите договарања или преговарања мора да се класифицираат како неразумни во очекувањата. Затоа, делигираните договарачи или преговарачи мора да ги отфрлат сите сомнителни обврски, еднострано позитивни придобивки, или да се најдат во состојба на немилост на народот, тој да ги замрази и да ги протера.
            Од друга страна, пак, не е неправда ако некој „несовесно” предаде државни и национални интереси, односно доколку тој се договори според сопствена желба. Овој „институт” (предавнички) секогаш предизвикувал конфликтни ставови со мнозинството; тој мора да се ревидира, да се нарече штетна и несовесна евтаназија на договорните интереси на една нација на сметка на друга.
            Обврските во облигациното право престануваат (= престација) поради оперативна грешка. Во таков случај, договорот е неважечки ab initio, односно уште од почетокот на неговото составување ‒ ништовност на членот 8, став 2 и 3, поради неделигирани права за договарање од мнозинската волја на народот (позитивен референдум, како законска форма на народно изразување). Ова, оттаму, што доброто (националниот интерес), за чијашто цел е составуван, исчезнува за време на неговото составување. Така што, поради оперативната грешка (отсуство на народната волја), односно повредата на природата на Договорот, бидејќи предметот на договарање не бил прашање што било изгласано од народот, како негово добро (негов интерес); невградената волја на народот во договорот, втородоговорната страна мора да ја направи свесна за грешката, оттаму договорот е неважечки (ништовен). Општата законитост при договарање, во случај на наивно претставување негативните ефекти во поизитивни за втората страна, оштетената страна има право да употреби status quo ante, „враќање на состојбата што постоела порано” или во краен случај, народот дава veto.
            Договорот содржи неприфатливи консеквенци за втородоговорната страна, спротивно на меѓународното право и на меѓународните односи; во него е направен обид за да се развие систем базиран на колонијални односи и на доминација (со примена на тоталитарна идеологија, непознато е поинаку [легитимно, демократски] како би можело да се спроведе); секако дека е неспоив со идеалите на еднаквост на сите граѓани, туку насочен кон радикален облик на републиканско владеење, со назначен државен поглавар[7], кој никому не одговара за своите постапки, односно поважен му е приватниот од јавниот интерес[8].
            Комисиското договарање не е ништо друго туку унилатерален систем, при целосно пасивизирање на волјата на втородоговорната страна, односно систем на терор што го воспоставуваат Бугарите, сличен на оној од Првата и Втората светска војна над жителите во Македонија. Според текот на измените на фактите при едностраното комисиско наложување, идејата што настојува да ја остварат Бугарските членови во Комисијата, е идентична со идејата за „Голема Бугарија”, првостепено повикувајќи се на одлуките од „Санстефанскиот договор”. Наведувани од ирединтистички идеи, Бугарите настојуваат, користејќи силна пропаганда и правно‒политичко насилство, што со години ја развиваат преку нивни внатрешни политички агенти (инсталирани дури и во Црквата), за ревизија на историските факти, со цел да извршат насилна бугаризација на Македонскиот народ, тврдејќи дека „народот е Бугарски во Македонија”.
            Македонскиот народ е посебен (уникатен) ентитет, sui generis, помеѓу уникатноста на сите нации во светот. Не може преку договор да се уништи нација! Концептот на суверенитетот е народен (народот врши дистрибуција на суверенитетот), или општата волја на народот (непогрешлива е, и секогаш е во право), е неотуѓив и не може да се пренесе; единствено анархистите и либертаријанците ја отфрлаат народната волја, и одлучуваат спротивно.
            Договорите имаат двострана волја, и не може должникот на еден ентитет да побарува во договорот да биде доверител (испорачувач) ‒ на нов Бугарски идентитет, во однос на Македонскиот, и да го претставува како субидентитет. Другите права на доверителот, како надомест ‒ економски развој, развој на транспортни врски ..., се ненадоместлива штета или емоционална болка, и не може да се разгледуваат или споредуваат како такви. На пример, слика или рачно изработена скулптура, не може да се тврди дека постоела (егзистирала), кога еднаш физички ќе се уништи. Слично, кога ќе се отфрли народната волја (што е парадоксално и ништовно според универзалните закони) во еден договор, онаа народна волја којашто бара да се сочува идентитетот на групата преку негово институционализирање во форма на држава, тогаш без постоење на народна волја, автоматски (автодеструктивно) ќе го снема постоењето и на државата[10].
              Македонија и Македонскиот народ прифаќа персонална унија со Европските институции (како заедница на нации), но не прифаќа, притоа експлицитно ја отфрла, каква била персонална унија на државно‒правни врски со соседните држави (коишто имаат вековна аспирација за правна или воена анексија на Македонија) формирани како вештачки наднационални ентитети, а со тоа да ја изгуби својата сувереност. Македонија верува во проширено светско општество што светот го има денес, составено од политички системи длабоко различни едни од други, само затоа што тоа се темели на концепти со различни ‒ специфични култури; „човечката плуралност”, или постоењето на мноштво волји и перспективи во светот, недозволува тиранија на Бугарија или која било друга соседна држава врз Македонија, и овој (ненасилен) концепт неизбежно ги поврзува севкупните народни волји во светот за суверенитет, без доминација над другите.
            Сите овие комбинации на законски и незаконски постапки на договорањето, имаат за цел Македонскиот народ да го донесат во состојба на безидејност и анационалност, преку формална заблуда, преку аргумент чијшто точен заклучок следи од неточни (лажни) премиси. Во договорите има вграден proton pseudos, односно вградена логичка грешка, со цел изведување погрешни докази во постапката на неговите понатамошни имплементации. Токму затоа, договорите се ништовни (Преспанскиот делумно), и не продуцираат договорна облигација, или барем во иднина да подлежат на реално ревидирање, но не на начин како што Букурешкиот договор ‒ никогаш не го доживеа ревидирањето, иако било облигациско. Проверката на легитимитетот или штетноста на договарањето треба да се спроведе преку институтот „парламентарна истрага” (parliamentary inquiry), истражувајќи ги околностите поврзани со стратегиските прашања од државно‒национален интерес; секој нареден Парламент потребно е да го испитува  степенот на реалност или на делузивност (заблуденост) на политичките платформи (програмите од политичките партии предизборно пропагирани за добивање поддршка од општата јавност). Исто така, постапките (исклучување на резултатите од националниот референдум, како најсериозна постапкa) што се надвор од овластувањата (ultra vires), треба да бидат ревидирани од Уставниот суд, и доколку се утврди дека е надвор од овластувањата, мора да престанат. Најосновните принципи од Уставот, како што е националниот идентитет, никогаш не можат да бидат укинати (апсолутно немодифицирачки уставни членови), дури и со амандман. Во случај официјалнaта измена на Уставот да ги наруши овие принципи заштитени од какви било измени, тој може да претставува таканаречен „противуставен уставен амандман” (unconstitutional constitutional law)[9]; националниот идентитет ‒ jus gentium, претставува апсолутно немодифицирачки уставни членови, коишто не можат да се менуваат под никакви околности. На крајот од краиштата, секогаш е можно уставот да биде соборен од внатрешна или надворешна сила, на пример, народна револуција.
            Виндикација (полагање право на своина) врз Македонија единствено мериторно може да иницира Македонскиот народ, сите останати пројавуваат само еднострана корисност, и истите можат само спорно interdictum utrubi (квази сопственост) да побаруваат модифицирачки и деградирачки услови за врз нејзината натамошна егзистенција. Токму заради тоа, длабоко вознемирувачки збир од неспецифични реакции за штетните екстерни ‒ егзистенцијално‒загрозувачки фактори се активираа кај Македонскиот народ по потпишувањето на договорите. Македонскиот народ останува: национално, политички, културно, просветно и духовно обесправен; дополнително, Македонскиот национален идентитет се наоѓа во опасност од понатамошни странски пропаганди, коишто имаат инфилтрирани агенти во систе врвни државни институции и во Црквата, кои со своето дејствување го засилуваат анатагонизмот во Македонија.

Непостои интерес за постигнување практичен напредок
            Во огромен историски континуитет, властите во Бугарија страшно се возгордеани со успехот (територијалниот плен) од Балканските војни на сметка на Македонија (Пиринскиот дел), и не престануваат на Македонија да гледаат не со сожалување, туку со презир. А презрените, според духовниот Закон, обично се во добивка над презирачите. Секако, Бугарија се лаже, кога мисли, дека европската култура е поголема гаранција за победа во борбата, отколку македонската култура. Мислејќи така, тие забораваат – ако воопшто тоа го знаеле – дека не победува културата, ниту нашата, ниту нивната, ниту, пак, европската, туку вистината и правдата. Тие не Го земаат предвид Оној Невидливиот, Семоќниот и Сеодлучувачкиот. Но, многу победи водени меѓу православните народи ќе бидат Пирови победи, потполно рамни на пораз, кога сите последици ќе се сумираат.
            На крајот, ако македонската договарачка страна (Комисијата) сака да го отфрли дегенеративниот Договор со бугарската Комисија, нека им предложи веновиот дијаграм (пресекот на двете множества) за заедничко прославување на историските: датуми и личности, да се однесува само на Пиринскиот дел (како територијален плен од Балканската војна, што ѝ е одземен на Македонија); „инклузијата” постои помеѓу пресекот (подмножеството) од двете множества, само во Пиринска Бугарија. 

Долгорочна цел со ознака за итност
            На Македонија не ѝ е потребна политика практикувана во традиционална смисла на поимот; многу скоро, и што побрзо, ѝ треба општа идеја[11] што ги интегрира посебните стратегии (полистратегиски систем на општата идеја ‒ summum bonum, [ненапишан] општествен договор) за држава – нација, сите функции на општеството сообразени со таа идеја (алчните не се грижат за највисокото добро); субјектите на политиката (при нетрадиционална смисла) треба да создадат тимови од експерти (еклектичен избор од различни дисциплини) за: информации, дипломатија, економија, политика, право, технологија, демографија, култура, образование, војска, вера и конфесии (оти татковината се брани и со книга, и со леб, и со песна ...); идејата се остварува преку систем на стратегии, а тие, пак, се донесуваат со систематски напор на теоретски ум на стратег (мислилител на стратегискиот процес) и практичен ум на стратег (имплементатор на стратегиските планови и политики од посебните стратегии), кои имаат капацитет да го осмислат животот на државата – нацијата, како во целина, така и во посебните области од стратегиското мислење и делување. Стратезите мораат да функционираат помеѓу знаењето и моралот.
            Народот не смее, во понатамошното негово постоење, a priori (бланко) да дава поддршка на општи и на обезличени стратегии, на т.н. лидери со неутврдена идентитетска провиниенција, кои немаат јасно исцртана стратегија за развој на Македонија; во сите идни стратегии, во секоја идна проекција, воопшто во уставниот и законскиот поредок (во секој правно‒политички инструмент на државата), мора да се вградуваат принципите врз кои се заснова државата, при што, како главен принцип, би бил вклучен националниот идентитет (динстиктивен од соседните национални идентитети), поставен високо над приватниот интерес.

Белешки
[1] Црквата по своето основно уредување не може да употребува физичка сила, како што може државата, но таа, исто така, има власт да го казни секој нејзин член, кој не се покорува на (канонско‒моралните) прописи, коишто создаваат ред, имаат строго јуридичко значење, но и Заповедно значење: „На кои ќе им ги простите гревовите, ќе им се простат, а на кои ќе им ги задржите, ќе им се задржат (Јн 20, 23).”
Според карактерот на Црквата, како духовно царство, и власта на Црквата првенствено се однесува на духовната страна од човекот, и се развива не на предмети, коишто се надвор од световниот делокруг. Но, Црквата постои во светот, и има свое одредено устројство (= уредување, поредок), коешто мора непроменливо да го чува, заради правилно достигнување на нејзината задача; црковната власт, освен духовната страна од човекот, мора својот делокруг да го простира и на неговите световни односи, како член на видливиот и правилно уреден црковен организам; таквото распростирање на својот интерес во јавниот интерес, Црквата го применува секогаш кога е вознемирена волјата на човекот, на верникот, од страна на власта, кој, пак, поднесува духовни импликации од злоупотребата на владеењето со него. Затоа на Црквата ѝ се дозволува да биде регулатор на власта, само во услови кога таа неправедно ја вознемирува волјата на народот. Значи, Црквата (клирот) не смее неосновано да ја навредува власта, но може да ја укорува за злоупотребување на уставниот поредок или за неправичност што е загарантирана со закон, а што се однесува на верниците и нивната вознемиреност во врска со злоупотребите. Спореди кај: Никодим Милаш, Православно Црквено Право (1902), Мостар: Издавачка књижарница Пахера и Кесића, стр. 5 и 241. Исто така, види и кај: Панајотис Бумис, Канонско право (2011), Академија СПЦ за уместност, стр. 113.
[2] Ова било во времето кога Бог ги избави Израелците од ропство, кога Мојсеј ги водел кон ветената земја. Овој закон дава специфично упатство за тоа како да Го почитуваме Бога, почитувајќи ги другите (различните) во нашите меѓусебни односи.
[3] Преспанскиот договор е делумно прифатлив, бидејќи со двотретинско (сепак октрирано) мнозинство беа извршени измени на Уставот; прифатлив е само во оние делови коишто, не се однесуваат, и не го загрозуваат идентитетот и опстанокот на државата, бидејќи главна еуфорија (и единстевно неизлажан предлог) беше придавката со географска одредница „Северна” во називот на Р Македонија; прифатлив (иако со негативен референдумски цензус) до оној степен со којшто народот беше донесен во заблуда од стратегиски размери, и притоа не се детерминираа екцесивни (нужни) консеквенци за други правни форми коишто ги загрозуваат главните обележја една нација, заедничката идентификација на народот (етничкиот идентитет).
[4] Државата – нацијата, е премногу значајна (summum bonum/највисоко добро) творевина за да им биде препуштена само на политичарите.
Глобалните трендови покажуваат дека проектите за изградба на нациите и на националистичките политички агенди, во повеќето региони во светот, ќе доминираат и во блиската иднина, додека заговарачите за полиберална демократија, мултикултуралност, како алтернатива, не ги решаваат глобалните предизици и проблемите.
[5] Cicero, De officiis 3.17.69. „Граѓанското право не мора да биде и универзален закон, но универзалното право треба да биде и граѓанско право. Оваа врска на соединување е поблиска помеѓу оние што припаѓаат на истата нација, и уште поинтимна помеѓу оние што се граѓани на истата град‒држава. Поради оваа причина, нашите татковци избраа да применуваат една работа со универзалниот закон, а друга со граѓанскиот закон.”
[6] Пример, иако едно лице пребегало во егзил*, на пример, ја изгубило својата правна положба во родната држава, но ја задржува основната заштита на вредностите определени за сите човечки суштества под правната форма „јus gentium”.
*состојбата на правна забрана од родната земја, заради кривичен прогон, обично од политички или од кривични причини или „корумпиран диктатор протеран од својата земја”.
[7] Концептот на природниот закон (the concept of natural law) беше искористен за да се оспори „божественото” право на кралевите (суверен [надзаконски] имунитет), и стана алтернативно оправдување за воспоставување социјален договор, позитивно право и влада, којашто донесува и ќе спроведува закони што се во созгласност со граѓанската (народната) волја, а со тоа и законски права (legal rights) ‒ во форма на класичен (немонархистички и нетоталитарен) републиканизам. Спротивно на законските права, концептот на природните (универзалните) права (natural rights) се користи од други за да се оспори легитимноста на сите такви надзаконски „институции”.
[8] Францускиот национализам ги детерминира сите уставно‒правни начела, истиот е инструмент за сите политички цели; во Уставот на Фрнација е втемелено начелото: „Нацијата пред интересите на поединецот.”
[9] Противуставниот уставен амандман е концепт во судската ревизија (judicial review), врз основа на идејата, дека дури и правилно изгласаниот и правилно ратификуван уставен амандман, што не е експлицитно забранет со текстот на Уставот, сепак може да биде неуставен за суштински (за разлика од процедуралните) основи, кога амандманот е во спротивност со некои уставни или дури и вон‒уставни норми, вредности и принципи.

[10] Практично, Македонија преку обврските (импликациите) од „Договорот за добрососедство свесно својата иднина ја транспонира, во односите помеѓу политичките сили и географските простори (геополитички), како конститутивна автономна област (субординирана провинција) во своите граници во рамките на Бугарија, нешто слично на одредбата од членот 23 од Берлинскиот договор; административната управа ќе се сведе на губернерија, територијална единица со елементи на своја самобитност и субординирано самоуправување.
 
[11] Државата е апстракција (идеја), заеднички именител, на севкупните административни процедури, во коишто мора да бидат вградени сите елементи (инструменти) на она што конкретно ги карактеризира ‒ македонската нација.
Нема држава без нација. Нација има и САД, во којашто, веројатно постои, барем по некој припадник од која било нација досега регистрани во светот. Може да се каже дека Американците имаат поставено знак на еднаквост помеѓу „нацијата” и „државјанството”.
Сепак, не е целосно отфрлена идејата на ултимативниот либерализам за денационализација на нациите (= одродување на народите), национална обезличеност на човекот, создавање генетски модифицирани идиоти, робови во идните векови на човечкото историско постоење.




No comments:

Post a Comment