Sunday, February 16, 2020

Знаеме кои сме, само кога знаеме кои не сме, и често само кога знаеме против кого сме (1 дел)





I) Aнархистички релативизам користен од интересентите за уништување на Охридската архиепископија ‒ Македонската Православна Црква

Нашиот предмет, автокефалноста на Македонската Православна Црква ‒ Охридска Архиепископија (МПЦ‒ОА), е res judicata, за којшто постои позитивна правосилна пресуда, исполнета канонска обврска, и истиот, повеќе не подлежи на жалба.


На Српската Православна Црква (СПЦ) во однос на преклузивноста по предметот за МПЦ‒ОА мора да ѝ се забрани (или да се спречи) продолжување на судењето (расудувањето или правното процесуирање) за случаи за исти прашања. Предметот на МПЦ во правно‒судската моќ на СПЦ се наоѓал до 1967 год., и истиот можел црковно‒правно да биде расудуван  меѓу двете страни на правниот спор (СПЦ vs МПЦ). СПЦ како титулар на субјективно право, конечно и во целост го губи своето право по предметот. На СПЦ или на која било друга автокефална Црква (дури и на Цариградската патријашија) мора да им се активира правната заштита, што се однесува до случајот со МПЦ‒ОА, estoppel ‒ дека канонски (правно) е забрането да се тврди дека некому му следи одредено побарување (виндикација) од МПЦ‒ОА, бидејќи таа ја има стекнато автокефалноста ‒ de jure (канонски, според 17 канон од Халкидонскиот собор) и de facto (стварна моќ над територијата)! Исклучена е можноста СПЦ да бара принудно да остварува некакво право, бидејќи конечно го изгубила правото во целина, посебно што побарувањето е застарено (канонскиот рок од 30 години е скоро дуплиран), дури и да била во заблуда ‒ не може да бара враќање на сопственоста врз јурисдикцијата, на име обврски за исполнување. Согласно каноните (de jure) и согласно постигнатиот развој (научно признатите фактори во црковното право коишто ја определуваат автокефалноста) на МПЦ‒ОА, од автономност до автокефалност (de facto), никој не поседува право да поднесува (СПЦ), ниту да прифаќа (Цариградската патријаршија) жалба за разгледување на статусот од МПЦ‒ОА. Ниту, пак, самата МПЦ‒ОА може на некој друг правен субјект во Православната Црква да му го делигира сопственото право (sui juris) ‒ жалбено да ја разгледува нејзината стекната автокефалност; сè друго е од лукавиот (политички судир на два спротиставени модели за доделување автокефалност, како и супрематска борба)! Делигирањето би било незаконска постапка. МПЦ‒ОА мора да негира какво било повторно разгледување на предметот, бидејќи поседува полноправна автокефалност врз основа на 52 годишната полноправна јурисдикција врз Црквата во Македонија, без да предизвика последователна противречност на еклисиолошките и на канонските детерминанти на Православната Црква или на Преданието од Светите Отци. МПЦ во 1967 година не постапила противканонски, кога го отпочнала својот природен развој од автономна кон автокефална Црква. Каква друга постапка може да предложи СПЦ, кога своевремено дозволила да истече канонскиот рок од 30 години[1] за жалби (за оспорување на постапките од МПЦ)? Каков друг лек, или понатамошен надзор врз МПЦ‒ОА, може да предложи СПЦ? Што би ѝ било додадено на МПЦ‒ОА, за да се извршат потребните активности таа да стекне автокефалност? Causa finita est (правната ствар е завршена)! Што и да преземе СПЦ или друга Помесна Црква, во правен спор со МПЦ‒ОА, е actus non legitimus (незаконско дејство)! Тоа не е ништо друго, освен политичко нарушување на волјата на Македонскиот народ и на државните власти и за полноправен суверенитет и на црковен план[2]. Не треба да ѝ се дозволи на СПЦ да примени противправен „колатерален естопел” (да го преформулира проблемот), и повторно да создава проблем кон МПЦ‒ОА со различни политички причини, како што е релативизирање на фактите на нејзиниот развој. Развојните факти (екслисиолошките компоненти: народ[3], клир, храмови, манастири, образование) на МПЦ‒ОА се конечни. Начинот на којшто СПЦ станала правен наследник на Црквата на Кралството СХС, во којашто влегле епархиите од Македонија, создал можност на идентичен начин од нејзината јурисдикција, еден дел (ентитет) од Црквата, правно (со Одлука на СПЦ) да стекне автономија (МПЦ). Понатаму, автономната област создава свои сопствени права, и обврзувачки е тој дел да се развива: еклисиолошки (парохиски, епархиски, синодално, архијерејски‒соборно или помесно‒соборно), институционално (образовно, мисионерски), правно (административно: имотно, судски, уставно), без екстерна зависност и потврда од туѓ правен авторитет (екстерна врховна власт), до автокефално функционирање на сите компоненти според каноните и Преданието.


Sui juris е стекнато право, и по 30 години непречено управување со една јурисдикција, согласно каноните, во случајот со МПЦ‒ОА, останува неприкосновен „владетел” со територијата/јурисдикцијата. МПЦ‒ОА самостојно стекнала развој на еклисиолошки ‒ внатрешната самодоволност на доделената автономија, односно самостојно и со внатрешното делување на Телото како локална Црква; истата (локално‒автономна) самостојно се развила до Помесна Црква (автокефална), којашто во себе формирала повеќе епархии, и самата во себе и самата по себе, го стекнала својот претстоител, како и стекнатото право за ракополагање епископи. Таквата реорганизација на Црквата, подразбира дека го дава правото за судење епископи, бидејќи и ракополагањето епископи и судењето епископи, ја изразуваат истата епископска власт (поврзано со 6 канон од I ВС).


Чинот, пак, делигирање на сопственото право на друг да одлучува, е признание, по позитивна пресуда, дека незаконски (неканонски) МПЦ престојувала во раскол, односно дека на МПЦ, во 1959 год., не ѝ било доделено Решение (Одлука/Томос) од Архијерејскиот Собор на СПЦ. Решението од СПЦ за автономија на МПЦ, условно го нарекуваме така, бидејќи во него постои одредба за прекин на важноста на Уставот од СПЦ кон епархиите во Македонија, на МПЦ‒ОА ѝ овозможува да го трасира патот до автокефалност, односно правно ѝ го одредува сувереното постоење. Затоа, МПЦ‒ОА не треба никому да му ги делигира своите суверени права. Спротивно, делигирањето свои права на друг, е самопризнание (на МПЦ‒ОА) за незаконито постапување, тоа е самоосуда за постапките, за свесно изодениот пат на нашите предци; е самодекласирање (самодеградирање/самодетерминирање).


МПЦ‒ОА, како Црква sui juris, ќе изврши самодеградирање во Црква juris delegationis, доколку додели некому право да претседава, за нејзиниот „нов” статус, со нејзините потполно стекнати права, освен да делигира право за медијација; постапка којашто има цел преку инклузивен дијалог да се создадат услови за евхаристиско сослужување со сите Помесни Православни Цркви. Единствено прифатлив начин за дијалог, е принципиелен дијалог за сослужување, заснован на потполно уважувње на двете страни во дијалогот. Никако не е прифатлив начинот на адхезионо договарање (Цариградската патријашија како страна со посилна преговарачка моќ, којашто инсистира на исполнување договорни услови во однос на МПЦ‒ОА), или, пак, алеаторен договор, каде што во моментот на склучување не е позната висината на обврските и заемниот однос, и не е познато кој ‒ што прима, и кој ‒ што отстапува, аналогно по примерот на меѓународниот спор на државата со нејзините егзистенцијално‒историски оспорувачи (Македонија vs Грција, и vs Бугарија). Дијалогот е прифатлив (разговарање, а не преговарање), ако предметот е безусловно сослужување, бидејќи единствено само Вселенските собори се мериторни за какви било спорови (догматско‒дисциплински) помеѓу автокефални и автономни Цркви.

Актуелното прегрупирање, доминирање еден модел над друг модел во Православната Црква, доведе до моментален, но официјален раскол, оттука е неизвесно одржувањето Вселенски собор. Спорот (расколот) којшто настана е од огромни размери, ќе предизвика далекусежни последици. Спорот е предизвикан од контекстуалното толкување (политички причини) на 28 канон од IV Вселенски собор, што се однесува на јурисдикцијата над целата „вселена” (теорија на универзална јурисдикција). Новосоздадениот модел од погрешното толкување на 28 канон, автономни митрополии надвор од јурисдикцијата нa Цариградската патријашијa (ЦП), го продуцираше својот антиподен модел,  трајно автономни митрополии на Руската Православна Црква. Исто така, развојот на спротивставените модели, го предизвика и контекстуалното толкување (од политички причини) и на 17 канон од IV Вселенски собор, што се однесува на јурисдикција надвор од распоредот на државните гранци, теорија на црковна јурисдикција во границите на некогашните империи.


Црковно‒народниот собор како законодавно‒правен орган и Синодот, во понизок степен, како негови извршен орган, имаат одговорност да носат закони (законодавна моќ) и да ги спроведуваат.  И двата органи се самоуправни (self‒government), и извршуваат неопходни функции на регулирање, но без интервенција од надворешен орган (external authority). Тие не смеат правно да ги изменат своите функции; не смеат никому да станат субординирани; не може да ги изменат функциите ‒ законодавниот да стане извршен на некој надворешен законодавен орган, на друг Архијерејски собор или Синод од друга црковна јурисдикција, ниту, пак, извршниот орган (Синодот на МПЦ‒ОА) не смее од управна функција да премине во раководна функција (субординирана) на друг управен орган или Синод од друга црковна јурисдикција, како што е патријаршискиот којшто е надвор од границите на Црквата во Македонија. Највисоките црковно‒правни установи на МПЦ‒ОА, законодавно‒управните извори на права и функции не смеат да ги делигираат (delegation of authority policy), како сопствени надлежни политики, во форма на овластување на персоналот на Цариградската патријаршија (ЦП), при што митрополитите на МПЦ‒ОА остануваат законоспроведувачи или извршители во име на „законодавецот” (ЦП). Самоуправувањето е главно начело на суверенитетот/автокефалноста, и е одлика само на автокефалните или Помесните Цркви. Една Помесна Црква во својата јурисдикција може да опфаќа поделба во повеќе административни области, коишто имаат самоуправната територија, којашто, пак, се нарекува автономен регион.


Црква (МПЦ‒ОА) којашто плодоуживала законодавни, судски и административни овластувања во рамките на точно утврдена црковна територија (апсолутен суверенитет или сопствена соборско‒централна власт), според кодексот на каноните, којашто создала повеќе‒децениски еклисиолошки континуитет, мора да остане во такво правно својство.

МПЦ е nominatio auctoris (правен, канонски наследник) на Охридската Архиепископија, и никако поинаку! Охридската Архиепископија (= МПЦ) е sui juris, автокефална Црква. За неа, единствена можна канонска примена е сослужувањето со ЦП; така Цариградскиот патријарх ќе претседателствува во љубовта, и нема дополнително да создаде конфликт, а притоа ќе нѐ привлече како сојузничка страна.



II) Крадецот (по секоја цена) го уништува доказот ‒ уништување на постоењето на Охридската архиепископија

„Кој не ги познава Грците, скапо ќе ги плати.” Тоа е општопозната констатација: „Timeo Daneos et dona ferentes” ‒ не им верувајте на Грците, и кога ви носат дарови. И на Бугарите, исто така; додека, пак, Србите се инвазивни (насилни, освојувачко‒непријателски напаѓаат во туѓа земја), неподмолни како другите... различниот метод што го користат Србите, што се однесува до Македонија, е јавно‒непријателски, бидејќи се единствените кои останаа без територијален плен од Балканските војни. Не им е лесно. Територијалните загуби ги прават да се однесуваат неконтролирано агресивно. Фрустрирачки, навистина, водејќи се од сознанието, дека Грците и Бугарите, и понатаму ќе остваруваат некакви замислени права во Македонија. Бугарите имаат замислена виндикација, дека МПЦ‒ОА им го нарушува поседувањето на Охридската архиепископија, но, кој, воопшто ги смета дека се нејзини наследници? Тоа еднострано определување квази‒сопственост врз Охридската архиепископија, претставува иредентизам (меѓународно непризнато, но лажно побарување за дамнешно изгубена територија); таа никогаш не била под бугарска сопственост, и interdictum utrubi, не може да пројавува интерес кон туѓа сопственост. Смешна заблуда на Бугарија, којашто настојуваат да ја прикажат како „добрососедска политика”!

ЦП го создава моделот врховен архијереј (неприкосновен патријарх ‒ надвор од својата јурисдикција), во митрополитскот систем што го развива во црквите, на коишто им дозволува да се организираат само како синодално организирани, односно несоборски организирани. Такви се Црквите во: Кипар (не видовме дека Архијерејскиот собор одлучуваше за Православната Црква на Украина [ПЦУ], туку едноставно беше проследена информацијата), Грција (јалово расправаше за ПЦУ, без да одлучува со гласање на сите митрополити), Албанија (без синодска дискусија ја прифати ПЦУ), Украина, и наскоро, ЦП ќе се обиде и во Македонија (како и во Финска и во Естонија..)


Бугарите во заблуда се нарекуваат правни наследници на Охридската архиепископија, што е парадоксално искривување на историјата. Всушност, Охридската архиепископија имала јурисдикција и во Бугарија, а никако не била Бугарска. Не дај Господи!

Сите овие феномени се случуваат вон Вселенските собори, како мериторен институт на Православната Црква. Интересно!


Белешки:


[1] 17 канон од IV Вселенски собор и 25 канон од VI Вселенски собор.

[2] Исклучиво е правото на државата во законодавната и во извршната власт; поединецот во една држава или Црква, може да направи сè, освен она што е забрането со закон; колку повеќе, пак, странско правно лице (нерезидент) може да побарува во туѓа држава, во случајот СПЦ во Македонија (или во Црна Гора), или, пак, Руската Православна Црква во Украина и во другите поранешни држави на Руската империја и Советскиот Сојуз, сопственички права, како што се имотно‒правните и уставно‒правните ствари?

[3] „Волјата на народот е основа на авторитетот на владата.” (чл. 21 одУниверзалната декларација за човекови права” на Обединетите нации). Согласноста на управуваниот (владеениот народ) е неприкосновен извор на легитимитет. Волјата на народот е главен извор на политички легитимитет (source of political legitimacy) и на државната и на Црковната власт.
 

No comments:

Post a Comment