III) Привид
на автентично толкување на 28 канон од IV Вселенски собор ‒ неканонска
апологија на „апелационото право” на Цариградската патријаршија (ЦП)
Пропагирањето
на 28 канон од IV Вселенски собор, со
цел ЦП да добие апсолутна власт врз повеќето митрополии во светот, има
негативен призвук во Православната Црква
воопшто, и е злоупотреба на поширокиот јавен интерес.
Стигматизирањето
на термините „Вселенска” патријаршија и „Мајка” на сите Цркви, и кај нас,
создаде препознатлива опасност и намерна злоупотреба на честа, аргумент што е
порано осудуван од Светите Отци (Свети Јован Шангајски,
Свети Нектариј Егински, Свети Јустин Келиски, Свети Софрониј Сахаров...), како екуменистички тенденции во Црквата од Исток. Постапките за
актуелизација на термините создадоа контрареволуција, предизвика огромна
поделба (своевиден раскол) и настана непосакуваниот media curcus во Црквата. Исто се случува и кај
нас, во Македонија, на територијата од МПЦ‒ОА, последниот период се
актуелизираше религиското hype (претерана промоција), група којашто ја застапува погоре‒спомнатата термининолошка неточност („вселенска” администрација на Православната Црква).
Токму во
таков контекст се појавија две спротиставени групи во Црквата ‒ „за” и „против”
„апологијата” на апелациското право на ЦП, самостојно (неконсензуално): да суди, да пресудува и да доделува
квази‒автокефалност или потчинетост на митрополиите.
Не е
неочекувано тоа што инструментите (пропагандните алатки) си ја извршуваат својата функција (намената
што некој им ја определил), активно да ја шират
политичката агендата ‒ „глобализам и супранационална рамнотежа на моќта во
Православната Црква”. Пропагирањето на таквиот модел (нарекувањето „Вселенска”)
е еклисиолошки non sense, бидејќи настојува ЦП да ја издигне во апсолутен
авторитет, институција што е над Вселенските собори, којашто има власт:
административна, судска и законодавна во целиот свет. Целта на пропагирањето е
да се имплементира надмоќта на една патријашија ‒ во случајов Цариградската,
што се извршува преку погрешното толкување и преку модификација на 28 канон од
Халкидонскиот собор; што денес е каменот на сопнување во Православната Црква. Со
оние што го поддржуваат „вселенското” (глобалното) читање на 28 канон, и инсистираат на тоа, дека единството не може да се
постигне на народна (национална) основа, туку од еден центар, со нив не може да се разговара, тие ги
закопуваат главите в песок.
Спротивставеноста
на групите во Православната Црквата, пак, создаде два модели на неканоничност ‒
„вселенски модел јурисдикција” и „замислена јурисдикација над повеќе автономни
Цркви во повеќе суверени држави”.
Погрешната
интерпретација (толкување) и обидите за трансформација на првенството на чест, води кон спротивставеност
на Помесните Цркви, кон расцеп во однос на унилатералноста или консензуалноста
при донесување одлуки на Вселенските собори. Унилатералноста во донесувањето
одлуки е искривување на Православната еклисиологија. На овој начин, во Црквата се
крши древно‒црковниот принцип за основање Цркви кај сите народи, отстапувајќи
од Евангелските Заповеди: „Одете и научете ги сите народи во светот...” (Мт 28, 19). Од друга страна, пак, се нарушува древното
поимање на еднаквоста на сите претстоители на Помесните Православни Цркви, со
што се создава можност меѓу нив да постои пирамидална структура. Исто така,
православниот принцип се однесува на организирање на Црквата заснована врз
етничката припадност, како што современиот свет ја организира сувереноста на државите
врз меѓународниот принцип „нација‒држава”. На мнозинската нација, која, пак, е
православна, во една држава, мора да ѝ се дозволи, ако нема, да основа своја
Црква, со помош на административно‒граѓанскиот систем, така што Црквата во една
држава да ги научи на Правоверие и останатите народи. Меѓутоа, ЦП ја антиципира
таквата опортуност, и настојува да ја примени, но погрешно. Нејзината намера е
да ја прошири јурисдикцијата над државите што имаат мнозински православен народ.
Основното нејзино тврдење е, дека претставник на ЦП треба да претседава со
секое епископско собрание, секаде во светот (пример, проектот SCOBA ‒ Standing Conference of the canonical Orthodox bishops of the United States of Americas, односно нејзиниот наследник Assembly of canonical Orthodox bishops of the United States of America [Собранието на Православни епископи на Соединетите Американски Држави]).
28‒иот канон
е административен, бидејќи извесните права за чест, како „Нов Рим”, му биле
дадени на Цариград, но од световни, политички причини, оттаму што, тој бил
престолен град на царот. Вториот став од канонот е конкретен, на Цариград му
дал јурисдикција над митрополитиите на варварите во трите провинции: Понт (Кесарија), Азија (Ефес) и Тракија (до градот Драма); диецези коишто денес се наоѓаат во:
Бугарија, Грција (до градот Драма) и Турција. Некои богослови од ЦП тврдат дека канонот
имплицира и авторитет на Цариград над сите области што се надвор од
географските граници на автокефалните Цркви. Нивното тврдење, исто така, се
однесува и на тоа дека дадената чест на ЦП, се однесува и на правото за
доделување автокефалност на автономните Цркви, коишто имаат нерешен статус
поради попречувањето од автокефалната Црква од којашто произлегуваат.
Не постојат
аргументи дека 28 канон оправдува каква била новосоздадена теорија за апсолутна
власт на ЦП, надвор од својата јурисдикција, надвор од канонските уредби. Самиот
канон не може и понатаму, контекстуално и со екстраполациски додатоци за проширување
на власта врз „вселената”, да биде релевантен и општоприфатен за сите Помесни
Православни Цркви. Евентуална законска измена на решението од 28 канон може да ја
предложи и да го измени некој нареден Вселенски собор, со присуство на сите
епископи. Во недостаток од нов Голем собор, разумот човечки се стреми кон, ex
regula (надвор од нормите), кривоклетство (кривоверство или ерес), да пресудува без да има извор на право, коешто, пак, единствено се црпи
од кодексот на каноните донесени од Вселенските собори. Заштитата на
законитоста (каноничноста) е должност на секој во Црквата, никој не е овластен самостојно да врши
дерогација (измена) или аброгација (поништување), бидејќи ќе се самозароби во незаконитост, ќе постапува спротивно на
највисокиот орган на власт ‒ Вселенските собори. ЦП, исто така, не смее
унилатерално да презема активности надвор од канонските овластувања, надсоборно
да се поставува, да ја проширува својата јурисдикција ‒ нарекувајќи се администратор
над целата вселена, спротивно на Православната еклисиологија. Од друга страна,
таа е патријаршија којашто постепено го губи своето историски‒условено значење,
административно и материјално‒правно, чијашто матична паства, брои се помалку
верници, сразмерно на една парохија.
Значи,
констатираното екслисиолошко искривување, се разбира, не е неосновано, само треба
да се погледнат постапките на Цариградските патријарси на териториите од
другите држави и цркви.
Цариградската
црква, врз основа на 28 канон од Халкидонскиот собор, добила нови права во поглед
на други народи, но тие права се однесувале само за Цариградската јурисдикција,
а не за другите автокефални цркви, ниту, пак, за целокупната светска дијаспора.
Халкидонскиот собор не ѝ дал на ЦП никакво исклучиво право, во поглед на
дијаспората, ниту ги лишил другите автокефални Цркви од нивните права во тој
поглед. Соборот, дури, со ниту еден став од 28 канон, не ги ограничил нивните
права, а само ги лишил од своите права трите Цркви (Понт, Азија и Тракија), коишто ги изгубиле
своите автокефални права, и нивните права ѝ биле пренесени на ЦП; ѝ ги пренеле
на ЦП, токму во тој обем, во којшто овие три цркви тие права ги имале[4].
За погрешното поимање на единството на Православната Црква, што, пак, произлегува од погрешното толкување на 9, 17 и 28 канон од Халкидонскиот
собор, како и прашањето на нејзиното устројство во дијаспората, во изворите на
позитивното право – „Пидалионот”[5] нема ништо поволно за новите претензиии на ЦП. За „специјалниот” 28 канон
од Халкидонскиот собор има толкување, дека на Цариград му се предаваат само правата
во поглед на дијаспората, но, само правата коишто порано им припаѓале на:
понтиските, азиските и тракиските диецезални цркви. Воопшто не му дава
исклучива јурисдикција над целокупната дијаспора во светот. За тоа се согласни тројцата
каноничари: Зонара, Аристин и Валсамон[6]. Валсамон тврди дека споменатите канони на Цариградскиот патријарх не му
даваат право да суди во целата Православна Црква, туку исклучиво на сопствената
канонска територија, а не над сите
простори надвор од границите на останатите Цркви[7]. Една таква теорија, зошто да не е
применлива и за Руската Православна Црква (РПЦ), и да не ѝ дава право, и таа да го
актуелизира концептот на контрола на трајни автономни Цркви, коишто се во други
држави со Православен народ?
Дека во тоа
време никој не помислувал за исклучиви права на Цариград, во поглед на
дијаспората, и во поглед на судењето надвор од јурисдикцијата, докажува фактот
дека царот Јустинијан, по истекот на само 84 год. по Халкидонскиот собор,
основал автокефална архиепископија Јустинијана Прва, без какви и да било
протести од страна на Цариградските патријарси[8].
И Никодим
Милаш, коментирајќи го 28 канон од Халкидонскиот собор, не наведува никакви
исклучиви права на ЦП во поглед на целата православна дијаспора. Такви права немале ни останатите автокефални Цркви[9].
Денешната
примена на 28 канон е дерогирана, и има исклучиво значење за решавање на
административната организација на митрополиите надвор од јурисдикцијата на ЦП,
на коишто им дава ревидирана верзија на номинална „автокефалија”, односно
реална автономија, филијалите по примерот на мултинационалните компании со
седиште во матичната држава. За да се биде свесен за одредени суштински
историски настани во однос на наводното доделување „автокефалност” од ЦП, што
формално‒правно е автономност, историски треба да се проучи законодавно‒управно
‒ извршниот начин на којшто митрополиите на Црквите во: Чешка, Полска, Финска,
Естонија, Албанија и епархиите во Западна Европа, се устроени во однос на
„вселенскиот” престол.
Канонска
основа за доделување автокефалност само
од ЦП нема во „спорните канони” (9, 17 и 28 од
Халкидонскиот собор), коишто се толкувани на различни начини[10], ниту, пак, во „јерархијата на чест” на првопрестолната
патријаршија, статус (диптих) што историски е променлив; поредокот во диптихот не ја доведува во прашање
рамноправноста на сите автокефални престоли, бидејќи од поредокот не
произлегуваат посебни права за власт, туку исклучиво за чест. Православната
Црква, самата по себе создава вселенско единство. Единството не го создава
првата катедра по чест, како некаков центар; поредокот нема онтолошки карактер, туку
историски, и оттука е променлив[11].
Во текот на
изминатите сто години, доктрината за првенството (ексклузивен авторитет) се развива во ЦП,
стравувајќи дека започнува криза на идентификување со важноста на нејзината
катедра[12]. Всушност,
копирајќи го Римокатоличкиот модел на црковна структура. Таквото сфаќање за
„првенството” на ЦП не соодветствува со Преданието на Црквата.
Тоа,
непобитно докажува дека теоријата на ЦП не е израз на православната свест; вака
применувана, не е православна теорија, туку е создадена ad hoc cо политички
цели, модернистичка теорија, спротивна на основите од канонското и од
Божественото право. Канонската неоснованост на „вселенско” толкување на 28‒иот
канон, се однесува на суштинската забрана ‒ „паренорија” (παρ‒ενορία), што е поврзана со забраната за проширување
на епископската власт надвор од границата на сопствената црковна област[13]. Иако е апсурдно толкувањето на канонот како
„вселенска” јурисдикција, на оние што го употребуваат им е важна етапа во воведување
на проектот „интернационализам” во Православната Црква. Воведувањето
„интернационализам” е преку ЦП, чиишто обиди се однесуваат за поставување на
целокупната православна „дијаспора” под една јурисдикција. Тој процес е започнат
во 20‒тите години од XX век.
Троицки се
осврнува и на констатацијата од Шмеман за „јерархијата на чест” во
Православната Црква, како извор на посебни права на ЦП, во однос на останатите
Помесни Цркви. Поредокот во диптисите, според Троицки, не ја доведува во
прашање рамноправноста на сите патријаршиски престоли, бидејќи од поредокот не
произлегуваат посебни права на власт, туку исклучиво за чест. Според Троицки: „ЦП и понатаму ужива првенство во православниот свет, само затоа што постои
консензус од сите Православни цркви, и тоа, пред сè, словенските (коишто претставуваат мнозинство во православниот свет), коешто во перспектива може да биде променето, ако тоа биде „добро за
целата Црква.[14]” Тој поредок не е од онтолошки карактер, туку од историски, затоа е
променлив, посебно ако се имаат во вид променетите историски околности во XX и
XXI век, во однос на времето на конституирање на поредокот на Цркавите во диптихот[15]. Инсистирањето на јурисдикциските права на ЦП над сите подрачја надвор од
границата на останатите Цркви, според Троицки би значело укинување права на
мисионерска дејност на сите останати Цркви, освен Цариградската. Би било штетно
и за ширењето на Православието, имајќи го на ум намалувањето на духовните и на
материјалните капацитети на ЦП[16]. Дури, на пример, Пољски, повикувајќи се на
„законот за автокефалност”, го истакнува правото секоја национална автокефална
Црква, духовно да ја раководи својата емиграција секаде во светот[17].
IV) Модификација на теоријата за „единство на Црквата” ‒ судир на два
модела во Православната Црква
Канонската
литература на Православната Црква, на ЦП ѝ дава право да прима жалби, но само во
случаи на спорови меѓу епископите што се под нејзина јурисдикција. Затоа, ЦП
настојува на спорните автономни Цркви во светот да им даде наводна
автокефалност. Со тоа, всушност ги потчинува под своја јурисдикција, вешто
задржувајќи ја својата прееминенција (административното
првенство и надмоќноста).
ЦП настојува
да изврши измена на основниот и на централниот елемент на 28 канон (на правната норма); да изврши дерогација (премолчено укинување) на канонот, преку
„донесување” друг канон со спротивни правни дејства, но правна уредба на нов
канон може да донесе само нов Вселенски собор.
Тенденцијата
на ЦП, е да изврши „lex posterior derogat priori” (новиот закон да го замени претходниот)[18]. Укинување на постоечки канон може да изврши
само еднаква или виша власт од онаа, којашто посочениот закон го донела.
Вселенските собори, како врховна законодавна (канонска) власт во Црквата, имале право да го прават
тоа, и го правеле, што се однесува на секој канон, што пред нив бил издаден, а
којшто требало, според приликите на Црквата, да се измени.
„Неуморно е
настојувањето на ЦП на секаков начин да ја оправда
новосоздадената теорија за апсолутна власт на Цариградскиот патријарх над
целата вселена; тоа, воедно покажува колку е слаба таа теорија”[19].
Binius (XVI век) бил против врховното право за универзално
судење во Црквата. Единствено Римскиот епископ има(л) право ex regula да
пресудува по основ на тужбите, што ќе се подигнат над митрополитите; и се
нарекувал principes orthodoxae dioceseos/кнез над православните области[20].
Постапките
на ЦП се политички опортунизам, напуштање на конституционализмот на
Православната Црква, напуштање на облигациите кон каноните донесени од
Вселенските собори, коишто претставуваат нејзин Устав. Декласирањето на
канонските одредби е опортуност за воведување апсолутизам или монархичност во
Православната Црква, воведување првенство на власт, слично на исклучивата власт
на владетелот во една империја, сега пресликан во во ликот на патријархот од
ЦП. Претензиите се во однос на зацврстување на позицијата за самостојно
администрирање со Православната Црква; не дека политиката од ЦП е несвесна,
туку таа намерно презема такви екстремни чекори, со цел остварување првенство,
коешто ќе ѝ обезбеди неограничена примена на власт, при депонирање на единствен
потпис и при истакнување предност во однос на сите останати патријарси.
Патријархот на ЦП има тенденција да биде носител на основното решение во сите
одлуки (од Вселенските собори) на Православната Црква. Неговата постапка е желба за пленипотенција (неограничена моќ) за вршење јурисдикција врз повеќе митрополии
во светот, како во однос на потврдувањето митрополитити, така и во однос на
судењето епископи од митрополиите, како последна инстанца. Желбата не е ништо
друго, туку ремоделирање на Православната еклисиологија. Поставувањето над
Вселенските собори е воведување практична власт над сите автокефални Цркви во
светот, иако Црквата е свесна дека никаква практична власт не му е доделена на
ниту еден патријарх, освен чест на Црквата во Цариград, како нов Рим (γνωρίζοντες, τά αυτά και ἡμεῖς ὁρίζομέν τε καἱ ψηφιζόμεθα περὶ τῶν πρεσβείων τῆς ἁγιωτάτης ἐκκλησίας τῆς αυτῆς Κωνσταντινουπόλεως νέας
῾Ρώμης[21]). При доделувањето чест на ЦП, се следел
принципот на прилагодување кон политичката поделба на државата (империјата). Доделувањето чест на ЦП, значело исти почесни
привилегии како што имал главниот административен град, како што претходно на
Црквата во Рим ѝ била призната чест (τα αυτά προς την
Εκκλησίαν της Ρώμης πρεσβεία τιμής ανεγνωρίσθησαν) [22]. ЦП била возвишена во голема моќ, но очигледно, Халкидонскиот собор не го
сторил тоа на начин што ќе ја поткопа честа на Александрија, Антиохија и
Ерусалим. Всушност, целта на Халкидонскиот собор била да донесе канонска форма,
што ќе обезбеди балансирана моќ што треба да биде практикувана во Источните и
Југоисточните делови на Источното Царство. Спротивно, единствено Вселенските
собори имаат власт, којашто ги надминува границите на автокефалните Цркви, тоа
е нивна власт што не може да биде доделена на некоја патријашија, и Соборите
авторитетно ги издаваат своите канони, коишто се мандаторни (задолжителни) за целата Православна Црква.
Таква
тенденција ЦП почнала да пројавува уште пред повеќе од сто год. Спорот за
статусот на Рускиот егзархат во Западна Европа (Париз) под Цариградската јурисдикција, одлучувачки
влијаел на формирањето и вообличувањето (ремоделирањето)
на канонскиот поредок на Православната Црква, како два „еклисиолошки”
концепта (две „еклисиологии на сложено структурирање”). Главен предмет на двата концепта е тенденцијата на управување (администрирање) со автономните митрополии надвор од своите
јурисдикции; разликата во моделите е што РПЦ применува јурисдикција врз
пограничните митрополии од некогашната Руска империја. ЦП, пак, настојува да
формира митрополии и да потчинува под своја јурисдикција насекаде во спорните
црковни области во светот, и посебно тежнее да се наметне како еднствено
надлежна патријашија за митрополиите на Помесните Цркви во нивната дијаспора.
Актуелната
„јурисдикциска дискусија”, „за” или „против” јурисдикцијата на ЦП што го опфаќа
целиот свет, е сложено ниво дискусија, составено од суштински прашања на Православната еклисиологија. Носител на едниот еклисиолошки концепт е ЦП; од друга страна, носител на
другиот е РПЦ.
Панелинистичките
амбиции на некои Цариградски патријарси во текот на историјата ‒ се намера за
воведување „инвеститура” или највисока управно‒административна положба или
таканаречен првенствувачки епископ во Православната Црква. Цариград секогаш ги
користел внатрешните расколи во Помесните Православни Цркви, заради нивно
слабеење, и за да наметне своја политика[23]. Исто таква политика, во ревидирана верзија,
користела и РПЦ.
Споменатите
два модели се однесуваат на обид да се реши устројството на Црквата согласно
феноменот „дисперзија” на православните народи (расеаност или дијаспора) во светот. Моделите се
спротиставени во врска со поимањето на фундаменталните еклисиолошки категории,
почнувајќи од различното поимање за единството на Црквата.
Спорот
помеѓу претставниците од двете споменати еклисиологии, се однесува на
канонскиот статус на православните црковни структури на простори од дражави
коишто не се традиционално православни (православен
народ кој е расеан или дијаспората, но и државите со немнозинско православен
народ).
Единството
на Црквата на организациски план, РПЦ го согледувала според национален контекст
‒ постојано инсистирање на единство на Руската Црква. Концептот на РПЦ е
единство на Црквата на организациски план, којшто го согледуваат во
руско‒национален контекст (постојано инсистирање
на единство на сите Руси обединети во Руската Црква), во рамките на екстензивните граници од некогашната Руска империја. Позицијата
на РПЦ суштински е заснована на национален концепт на црковно устројство, што
подразбирало воспоставување јурисдикција и во националните Цркви од сопствената
„дијаспора”, Руси кои живеат во посебни држави, наследнички на СССР. Во држави
коишто дури не се сметаат за дијаспора спаѓаат: Украина, Белорусија,
Молдавија... За РПЦ дијаспора се и нивните духовни мисии во Кина, Јапонија и
секаде каде што живеат Руси, и каде што РПЦ има своја Православна мисија.
Рускиот
канонист Серегеј Троицки, главно ги разработил и ги утврдил аргументите што се
поврзани за устројство на Православната Црква што е расеана по светот, но и
Рускиот народ во околните држави. За овој модел, подеднакво се застапувале
претставниците на Московската патријаршија и на Руската Задгранична Црква. Автокефалните
православни цркви, инсистираат на национален
модел на устројство на православните црковни структури што се расеани во
дијаспората, и тоа претставува противење на јурисдикцијата од ЦП во дијаспората
воопшто. ЦП, од друга страна, настојува да примени новосоздаден модел на
управување со целокупната православна дијаспора и да управува со сите
митрополии што ќе добијат томос од неа.
Значи,
логиките на црковно‒историските процеси јасно сугерираат дека РПЦ не е исклучок во овој поглед.
Моделот на РПЦ е како пандан на моделот развиван многу порано од ЦП. РПЦ, исто
така, не може да изврши дисимулација, да ги прикрие фактите, и да ги избегне
канонските последици поврзани со состојбата на концептот за трајни автономни
Цркви под јурисдикција на патријашијата.
Сепак, многу
покомпримитирачки еклисиолошки модел е оној што го развила и што го применува
ЦП. Најнепомирливите ставови се поврзани за улогата на ЦП во православното
расејување. Расеаноста на Православниот народ, ЦП го гледа како опортуност за
сопствените претензии во целиот свет.
Обраќањето
на митрополитот Евлогиј кон Цариградскиот патријарх во 1931 год., со цел Руската епархија во Франција да
прими јурисдикција од ЦП, отворило расправа за карактерот на апелационото право на ЦП, поврзано со 9 и 17 канон од Халкидонскиот собор. Произнесени
се различни гледишта во поглед на јурисдикциските права на патријаршијата над
расеаните православни црковни структури, како и правото на потврдување и
управување со сите митрополии во светот. Според Троицки, тоа би значело
укинување на правата на сите помесни автокефални Цркви, освен на ЦП, којашто ќе
ги поседува исклучивите права со администрирањето на дијаспората[24]. Ваквите ставови произлегуваат од различните толкувања на 28 канон од
Халкидонскиот собор. Меѓутоа, во позадината на овие, на прв поглед, јурисдикциски
дискусии, се кријат суштински еклисиолошки разлики за сфаќањето на првенството (супрематијата) и за единството на Црквата и начинот на
организирањето, како на единството, така и на спорните митрополии насекаде во
државите.
Во писмото
до свети Тихон од 24.08.1923 год., митрополитот Антониј (Храповицки) напишал, дека Цариградскиот патријарх
Мелетиј II Метаксакис, претходник на Григориј VII, кој, пак, соработувал со
болшевиците за да ја ослаби Руската Црква, претендирал на црковна власт во:
Полска, Естонија, Финска и Латвија, како и на духовната мисија на РПЦ во Кина,
односно секаде каде што Руската Црква веќе развила автономни митрополии[25]. Првиот чекор на патот кон остварување на спомнатиот канонски и
еклисиолошкиот „идеал” ‒ балансирана глобална моќ и интернационализам, што
настојува да го етаблира ЦП во „Вселената”, најпрво настана во Руската епархија
во Париз ‒ Франција. Формирањето Руски егзархат во Западна Европа, под
јурисдикција на ЦП (1931), е првиот
чекор кон воспоставување автономни митрополии насекаде во светот. ЦП настојува
да устрои егзархиски еклисиолошки поредок во светот; затоа го развива моделот
„вселенска” патријаршија; притоа, егзархот на ЦП мора да биде претседател на
сите Синоди во светот. Развојниот модел иницијално бил преставен во март 1922
год., кога Мелетиј објавил уште еден Томос, со кој се потврдува правото на ЦП
на „директен надзор и управување со сите православни парохии без исклучок,
лоцирани надвор од границите на Помесните Православни Цркви во Европа, Америка
и други места”[26].
Очигледно се
важни околностите коишто предизвикаа бројни поделби во Црквата, иако тоа е
контра‒продуктивно, соблазнително.
Неканонската
форма ‒ посебен „вселенски авторитет” или таканаречено „апелациско право” на ЦП
на просторите од другите Помесни Цркави, од една страна, нема цел решавање на
меѓунационалниот антагонизам на православните народи, туку нова форма на
црковна хегемонија, наместо меѓуправославна координација, функција дадена
заради честа на првопрестолната патријаршија. Правото на чест се заменува со
управно право (власт), без точно
дефиниран извор на право; привилегијата на ЦП којашто произлегла од фактот дека
тој бил претстоител на Црквата во престолнината од Ромејската империја, со
текот на времето, настојувал да ја пренормира во сесветски (вселенски) примас. Ова е, своевидна, централизација на
Православната Црква, од Источна во Вселенска, канонски спорно и аналогно со
правото на Римскиот папа на Запад[27].
Пред да продолжиме со анализата за длабоката поларизација на Православната
Црква заради борбите за првенство, неминовно се наметнува прашањето, дали
МПЦ‒ОА, смее да даде легитимитет за првенството на единство на Православието засновано
на „Вселенска” администрација како на над националниот принцип”? Не смее да се прифаќа теорија за авторитетот, базиран на можноста за
апелациско право, сфатено во контекст на неговата примена на сеправославно
ниво, како и можноста за исклучива привилегија на некоја од патријаршиите за
доминантен судски авторитет надвор од определената јурисдикција.
Белешки:
[4] Понт (Кесарија) , Азија (Ефес) и Тракија
во Источното римско царство сочинувале диецези (повисока форма управа од
провинциската упрва), коишто и во црковен поглед имале автокефалност, и воопшто
ист црковен ранг, како што имале и другите диецези, односно Александрија и
Антиохија, за што веќе ни укажува 2 канон од II Вселенски собор. С. Троицкий, О юрисдикции Константинопольскаго Патриарха вне границ
автокефальных церквей, Русская мысль,
июнь‒август (1923): 354–362.
[5] Колку ова толкување на каноните (посебно 28 канон) одговара на Преданието
на Црквата, може да се разбере ако се спореди со толкувањето на Преподобниот
Никодим Светогорец во неговиот познат „Пидалион”: „Цариградскиот патријарх нема
власт да делува во епархиите и во областите од другите патријарси (или Помесни
Цркви), со овој канон не му се дава правото на последна апелациска инстанца во
целата Православна Црква... Затоа, Зонара во толкувањето на 17 канон од
Халкидонскиот собор говори дека Цариградскиот патријарх не може да се поставува
над сите митрополити како судија, туку само над оние што му се потчинети.
Сергей Троицкий В., По поводу неудачной защиты ложной теории, Журнал Московской Патриархии 12 (1949): 29–40, с. 32‒33.
[6] Сергей
Троицкий, О границах распространения права власти Константинопольской
патриархии на „диаспору”, Журнал
Московской Патриархии 11 (1947):
34–45, с. 41‒44.
[7] Од
10 јуни до 18 јуни 1920 година, во Москва се одржала расколничката „Голема
предсоборска конференција на Руската Православна Црква”. За почесен претседател
бил избран Цариградскиот патријарх Григориј VII. Од страна на комунистичката
влада, му била понудена и можност за живеење на територијата на Советскиот
Сојуз, со целосна државна поддршка, со услов предмет на признавање на
резолуциите на „Обновленскиот” Архијерејски Синод за отстранување на
патријархот Тихон. Патем, патријархот Григориј не го прифатил овој предлог, но
со оглед на барањето силна политичка поддршка, тој го повикал Тихон (подоцна
прогласен за светител) да се откаже.
По
смртта на Московскиот патријарх Тихон (Белавин), што следело на 7 април 1925
година, обновувањето, под маската на помирувањето, сакал конечно да ја уништи
канонската црква, потпирајќи се на поддршката на Цариградската црква. Ова го
потврдуваат и зборовите на самиот патријарх Григориј VII, кој изјавил дека:
„Презема одговорност за смирување на неодамнешните немири и несогласувања во
Помесната братска Црква, назначувајќи специјална патријаршиска комисија од
епископи”, и планира да се потпира на „црквата” што е верна на владата на СССР.
Исто
така, патријархот Григориј извршил притисок врз другите Помесни Православни
Цркви, и на четирите источни Патријаршии, освен на Антиохија, којашто не го
признала „Обновленскиот” раскол. Оваа политика ја продолжиле неговите
наследници на Цариградскиот престол ‒ Константин VI и Василиј III.
Невозможно
е, а да не се потсетиме, дека сите овие настани се случиле против позадината на
постојани апсења, депортации, тортура, егзекуции на свештенството и на лаиците
на канонската црква, како и уништување на храмови и светилишта.
Во
писмото до Свети Тихон од 24.08.1923 година, митрополитот Антониј (Храповицки)
напишал, дека Цариградскиот патријарх Мелетиј II Метаксакис (претходник на
Григориј VII) претендира на црковна власт во Полска, Естонија, Финска и
Латвија, како и на духовната мисија на Руската Православна Црква во Кина.
Веќе
споменатиот патријарх Мелетиј, во 1922 година се обратил кон архиепископот
Серафим (Лукијанов) ‒ претстоителот на автономната црква на Финска, којашто
била дел од Руската Православна Црква, со предлог за доделување автокефалија.
Архиепископот Серафим ја отфрла оваа иницијатива. Сепак, под притисок на
финските власти, патријархот Мелетиј воспоставил паралелна црковна хиерархија
(јерархија). Без монашки потстриг, воопшто без монашки стаж, тој во епископ го
ракоположил омилениот протојереј Герман Ава, и му ја дал истата автономија, што
Финската црква ја добила од Московската патријаршија, којашто намерно, малку
претходно била укината.
Една
година подоцна, имено во март 1923 година, патријархот Мелетиј ја нападнал
канонската територија на Српската Православна Црква, во чија надлежност се
наоѓаше Чешката Црква. На 2 март, тој го објавил Томосот: „За воспоставување
Православна архиепископија во Чешка, и само два дена потоа, го поставил
претстоителот, архимандрит Саватиј (Врабец).
Наскоро,
по овие настани, патријархот Мелетиј, испратил писмо до митрополитот Евлогиј
(Георгиевски), администратор на Руските православни парохии на Московската
патријаршија во Европа, барајќи тој да биде недвосмислено потчинет на
Митрополијата на Тијатира (Велика Британија и Ирска) на Цариградската
патријашија. Секако, митрополитот Евлогиј го отфрлил овој ултиматум.
На 7
јули 1923 година, Архиепископот на Талин и на цела Естонија (Руска Православна
Црква[РПЦ]) Александар (Павлос) примил од рацете на патријархот Мелетиј томос
за присоединување на Естонската Православна Црква кон Цариградската
патријаршија, како автономна, што, патем, тој статус, Естонската Православна
Црква го имала во составот на РПЦ, од 10 мај 1920 година.
(https://pravlife.org/ru/content/nekanonicheskie-postupki-konstantinopolskih-patriarhov-i-hristianskoe-terpenie-pomestnyh)
[8] Основана во 535 год. со XI новела од Јустинијан, таа архиепископија
не била потчинета на Цариград, туку од самиот почеток била автокефална, а од
545 год. била потчинета на Римската црква со CXXXI новела од Јустинијан.
THE NOVELS OF JUSTINIAN, Translated by Samuel P. Scott,
Cincinnati, 1932.
[9] Халкидонскиот собор воспоставил и de jure рамнотежа
помеѓу привилигиите на чест и привилигиите на власт на епископот на
престолнината. Каноните 9 и 17 на Цариградскиот епископ му ги даваат истите
судски права, како и на диецезалните митрополити, а канонот 28 му дава и независна
територија, потчинувајуќи му ги митрополиите на: Понтиските, Азиските и
Тракиските диецези.
С.
Троицкий, По поводу неудачной защиты ложной теории, Журнал Московской
Патриархии 12 (1949): 32.
[10]
Троицки посебно инсистира на тоа, терминот „егзарх”, којшто се спомнува во
каноните 9 и 17 од Халкидонскиот собор, не се однесува на патријарсите, туку на
егзарсите од трите диецези потчинети (со 28 канон од Халкидонскиот собор) на
Цариградскиот патријарх.
С.
Троицкий, По поводу неудачной защиты ложной теории, Журнал Московской Патриархии 12 [1949]: 32–33.
[11]
Сергеј Троицки ја разгледувал конкретната ситуација во Западна Европа,
настаната со преминување на „евлогијаните” под Цариградска јурисдикција во 1931
год. Споменатиот случај го поставува во поширок контекст, сметајќи го за важна
етапа во проектното остварување на ЦП (како „Вселенска”) за поставување на
целокупната православна „диjаспора” под сопствена јурисдикција, процес започнат
20‒тите години од XX век. Токму создавањето на Рускиот западноевропски егзархат
под Цариградска јурисдикција бил еден од поводите за острите супротставувања за
доделување автокефалност, како и потчинување на туѓи јурисдикции надвор од ЦП.
Види:
С. Троицкий, О юрисдикции Константинопольскаго Патриарха вне границ автокефальных церквей, Русская мысль, июнь‒август (1923): 354–362.
[12] Со сигурност е познато дека на 3 јули 1923 година,
Турската влада планирала целосно протерување на Цариградската патријаршија од
Турција. Ова му станало познато на финскиот сенатор Емил Нестор Сетијал, кој
ветил дека, користејќи ги своите контакти во Шведска, ќе интервенира во
Вселенската патријаршија, под услов да го реши проблемот со формирање на
Финската и на Естонската црква. Што се однесува до Чешката Република и
парохиите на Руската православна црква во Западна Европа, постапките на
патријархот Мелетиј овде се доста конзистентни со неговата црковно‒политичка
линија на превласт на Цариградскиот престол и во неговата новоформирана ужасна теорија
за администрирање на „Вселенската” Црква.
Протоиерей
Владимир Долгих, Неканонические поступки Константинопольских Патриархов и
христианское терпение Поместных Церквей, Православная
Жизнь (январь, 2020).
[13] Сергије Троицки, Црквена
јурисдикција над православном дијаспором, Сремски Карловци (1932): 31‒32.
[14] С. Троицкий, Где и в чем главная опасность, Журнал Московской Патриархии 12 (1947):
31‒42, с. 34.
[15] С. Троицкий, Экклезиология Парижскаго
раскола, Вестник Русского
Западноевропейского Патриаршего Экзархата, 7–8 (1951): 10‒33, с. 29–30.
[16] Сергије Троицки, op. cit. Црквена јурисдикција
над… 26–28; 47–48.
[17] Протојереј Михаил Пољски истакнува дека
„законот за автокефалија”, засновајќи се на 34 апостолски канон, подразбира
дека секоја национална автокефална Црква: „Има право и должност за мисија
надвор од своите граници, и границите на другите автокефални Цркви за свои
назначувања.” Таму, своите епископи, како и строгиот принцип за немешање на
една Црква во работите на друга, вклучува и немешање во работите на мисијата
којашто ја врши другата Црква.
Протоиерей Михаил Польский, Каноническое положение высшей церковной
власти в СССР и заграницей, Джорданвилль (1948): 131.
[18] Никодим Милаш, Православно црквено право (2004), Београд‒Шибеник: Истина, стр. 73.
[19] Никодим Милаш, Правила Православне Цркве с тумачењима, књига I (2004),
Београд‒Шибеник: Истина, стр 355. Повод за издавање на 28 канон од
Халкидонскиот собор, според римските богослови, било славољубието од
Цариградскиот патријарх, со цел за себе да ги придобие сите привилегии, и да ги
потчини сите Источни патријаршии (Исто,
стр. 392).
[20] Исто,
350.
[21] Francis Dvornik, The Idea of
Apostolicity in Byzantium and the Legend of the Apostle Andrew (1958), Harvard
University Press, Cambridge, Massachusetts, p. 82
[22] Thomas Martin, The Twenty‒Eight Canon of Chalcedon: A Background Note, in Aloys
Grillmeier and Heinrich Bacht, Das Konzil von Chalkedon, 3 vols. Wurzburg:
Echter‒Verlag, 1953, II, 453
[23] Сергије Троицки, op. cit. Црквена јурисдикција ..., 26–28.
[24] С. Троицкий, op. cit. Экклезиология Парижскаго раскола, 29–30.
[25] Во писмото до свети Тихон од 24.08.1923
година, митрополитот Антониј (Храповицки) напишал, дека Цариградскиот патријарх
Мелетиј II Метаксакис претендира на црковна власт во Полска, Естонија, Финска и
Латвија, како и на духовната мисија на Руската Православна Црква во Кина.
Под притисок на финските власти, во 1922
год., патријархот Мелетиј воспоставил паралелна црковна јерархија. Без монашки
потстриг, воопшто без монашки стаж, тој во епископ го ракоположил омилениот
протојереј Герман Ава, и му ја дал истата автономија, што Финската црква ја
добила од Московската патријаршија, којашто намерно, малку претходно била
упразнета (укината).
На 7 јули 1923 година, aрхиепископот на Талин
и на цела Естонија (Руска Православна Црква) Александар (Павлос), примил од
рацете на патријархот Мелетиј, Томос за присоединување на Естонската
Православна Црква кон ЦП, како автономна, што, патем, тој статус, Естонската
Православна Црква го имала во составот на РПЦ, од 10 мај 1920 година.
Протоиерей Владимир Долгих
https://pravlife.org/ru/content/nekanonicheskie-postupki-konstantinopolskih-patriarhov-i-hristianskoe-terpenie-pomestnyh
[26] Переход митрополита Евлогия
(Георгиевского) в юрисдикцию Константинопольской Патриархии и срыв
«Всеправославного Предсобора» («Просинода») сквозь призму фанаро‒советских
взаимоотношений; види: http://pstgu.ru/news/smi/2016/06/11/66709/
[27] Слично на Ерусалимскиот епископ, на I ВС
(канон 7), Цариградскиот епископ добил на II ВС (канон 3) само привилегии на
чест, а не на власт. Но, кога со 28 канон му се доделени и трите диецези (Понт,
Азија и Тракија), тој добил право да ги ракополага митрополитите на наведените
области. Меѓутоа, епископот на Цариград не смее да ги поставува за митрополити
оние што тој сака, туку изборот ќе го изврши митрополитскиот собор, и кога
соборот ќе избере некого, тогаш ќе го потврди.
Во врска со 3 канон од II ВС, ЦП ги добила и
правата во поглед на мисиите, само во Митрополиите на трите диецези, бидејќи
тие ги изгубиле своите автокефални права, во нејзина корист, како што го
изгубиле и поврзаното со автокефалија право, слободно да поставуваат епископи
кај варварските народи од трите диецези. Сега тоа право преминало на оној
јерарх, на кого му се дадени и сите останати автокефални права на тие Цркви
(Понт, Азија и Тракија) – на Цариградскиот епископ, и заради тоа, IV Вселенски
сабор, менувајќи ја одредбата од II Вселенски собор, во тој поглед, вели:
„Епископите кај варварските (народи), од наведените диецези, да бидат
поставувани од ʽнајсветиотʼ престол на Цариградската Црква”.
Види: Никодим Милаш, op. cit. Правила …, књига I, 350 и 399.
Факт е дека во последните векови територијата
од ЦП не само што не се проширува, туку постојано се смалува. Цариградскиот
патријарх не само што ја изгубил својата титула и правото на етнарх во Турција,
туку сегашната ЦП е само слаба сенка својата стара слава. Сега го нема ниту
големиот град на свети Константин, за којшто говорат каноните, а постои само
Истанбул.
Види: Сергије Троицки, op. cit. Црквена
јурисдикција над …, 26.
No comments:
Post a Comment