V) Субординирање на црковните провинции во светот, коишто заради спор не
добиле автокефален статус, и развој на моделот „митрополитскo‒ставропигијален
систем”
Како што
рековме, формирањето на Рускиот егзархат под цариградска јурисдикција,
претставува еден од пресвртните моменти во историјата на Православната Црква;
посебно, расејувањето по светот на православните народи во XX век. Феноменот ги
надминува географските, хронолошките и историските рамки на Православната
Црква, поврзани со нејзините народни граници. Важноста на овој настан,
првенствено, се однесува во неговото пресудно влијание на понатамошните текови
од намерата за преобликување на канонскиот поредок.
ЦП во
последните 150 год. настојува да го ремоделира поредокот на еклисиолошкото
Предание.
Внатрешната
самодоволност и автономијата на секоја локална Црква, е блиску поврзана со
нејзината видлива глава, епископот[28], како и неговата волја да формира Помесен собор остваруван преку волјата и
на другите епископи; оттаму, што епископот како автономен, со внатрешното
делување на Телото од локалната Црква, не може самостојно да стекне
автокефалност, без да ја здружи волјата во Соборно делување, со еднаквите со
него[29]. Правото за ракополагање епископи, подразбира дека го дава правото за
судење епископи, бидејќи и едното и другото ја изразуваат истата епископска
власт (поврзано со 6 канон од I ВС)[30].
Додека
постоел митрополитискиот систем во Православната Црква, истиот го обезбедувал
автокефалното постоење како Помесна Црква. Патријаршискиот систем е воведен на
Халкидонскиот собор, при што сите митрополити биле потчинети на петмината
патријарси од највозвишените престоли. Тие тенденции на најугледните катедри
имале цел да ја присвојат надмитрополитската власт, од аспект на правото за
ракополагање и правото за судење на епископите, и според тоа, укинување на
автокефалноста на митрополитите. Четвртиот вселенски собор ја одзел автокефалноста на митрополитите[31]. Митрополитот со епархискиот собор го
сочувал Синодот, и заедно имале право за избор и за ракополагање епископи од
епархиите, но него самиот го избирал и го потврдувал патријаршискиот собор.
Митрополитот, исто така, преку Соборот на епархиите, во прва судска инстанца го
задржал правото да им суди на епископите, додека пресудите на втора инстанца,
без право за жалба, биле пренесени на патријаршискиот собор[32].
Право за
ракополагање (jus ordinandi) и право за судење (jus jurandi) на епископите и на другите клирици, монасите и на обичните членови на
Црквата, како и правото за избирање прв епископ во Помесната Црква, е основен
услов за автокефалност.
Ендемуса
соборите организирани од ЦП, со коишто претседателствува (според Власиј Фидас) патријарх, го изразуваат
мислењето на патријаршиските катедри од Истокот. Истите, можат некоја црква да
ја прогласат за автокефална, со патријаршиско достоинство ad honores или без
него. Ендимуса соборот ѝ дава право на ЦП (таканаречена Вселенска), дури, во принцип, таа
располага со канонска административна надлежност, да издигнува една црква во
автокефална чест и достоинство, без да ѝ е потребна посебна канонска согласност
од сите патријаршиски катедри од Истокот?! Меродавно канонско устројство за
прогласување автокефалност на една Црква, а без доделување патријаршиско
достоинство, секогаш не претпоставува претходна сеправославна канонска
соработка и согласност, бидејќи во таков случај вистинскиот збор ѝ припаѓа,
според Фидас, на „Вселенската” патријаршија, и на катедрата од којашто се одвојува
административната црковна област[33]?!
Токму во
ваквото толкување, дека на првопрестолната патријашија ѝ е дадена чест, и
оттука, дадената чест да добие правна трансформација во власт, воопшто не го применува
императивот „соборност и единство”, туку воведува superanus (законодавно врховенство). Не смее на честа да ѝ се даде функција на нормативен аспект, за таа да ги
ужива правата за највисоки нивоа на црковната власт помеѓу останатите
автокефални Цркви.
Таквите
дејства се прибегнување кон acte contraire од еклисиолошкото Предание на
Православната Црква. Таквата ново‒воведена пракса е без извор на право,
апсолутно погрешна, и неизедначена примена на одредбата „прв меѓу еднаквите”.
Значи, првопрестолната патријашија, освен нејзината симболична величина, не
може да стекне власт над другите патријашии, преку замена на тезата
„privilegium honores”, со тезата „privilegium immunitatis”, спротивно на ex
lege (постоечките канони).
Единството
најдобро се чува со јасно дефинирање на територијалните граници внатре во
институциите на збирот од локалните собори, епархиите во Помесната Црква. Таму каде
што е соборот на сите епархии (сите епархии од една
митрополија) делуваат за решавање на проблемите со коишто
се соочуваат локалните цркви (епархиите)[34].
Затоа,
решението, како што е: патријаршија ‒ автономна митрополија, не е правилно, со
оглед на тоа дека во Црквата е незамисливо раздвојувањето на свештените јурисдикции
(епископските) власти од административниот распоред на државите
(17 канон од Халкидонскиот собор). Канонското
извршување на правото за ракополагање епископи и за судење епископи е
единствениот сигурен критериум за вистинско канонско и евхаристиско единство во
сите Помесни Православни Цркви (збир од епархии од една
Помесна Православна Црква). Додека, во истовреме,
тоа се прима како сведочење на претстоителите на сите епархии во една
јурисдикција којашто е во еден државно‒административен систем.
Идејата на
ЦП за создавање митрополитско‒ставропигијален систем, каде што (во некоја држава) на митрополитот му се дава право да свикува
архијерејски Синод и да претседателствува со него, но и безусловно да ги
спроведува одлуките на патријархот, кој, пак, е надвор и од државата и од
јурисдикцијата на Помесната Црква, е директна колизија со целокупната канонска
теорија и со еклисиолошкото Предание. Самата идеја за екстериторијални
привилегии на ЦП, во однос на ставропигијалните права во своите митрополии
надвор од својата јурисдикција, претставува имплицитна измена на правото да
прима жалби од другите „автокефални” Цркви: архиепископии и митрополии; правото
на потврдување (интронизација) на митрополити, судење епископи и спомнување на патријархот, во голема
мера е потчинетост на туѓа јуридикца на епископите каде што се наоѓаат
ставропигиите. Екстериторијалноста е пред сè противканонско постапување, оттаму
што 2 канон од II ВС е lex specialis, неизмнелив, бидејќи го регулира специфичниот
предмет за јурисдикција. Желбата да се воведе власт над повеќе јурисдикции, е мошне
опасен преседан, создава колизија на нормите, којашто обезбедува имунитет или изземеност
од правна одговорност во државата или во црквата од нивните начела на сувереност.
Желбата да се создадат канонски институти, коишто не постојат во кодексот на
каноните, создава можност еден патријарх од една држава, да може да одлучува во
автономна Црква во друга држава, притоа тој, како нерезидентен субјект, нема
правна одговорност за одлученото; најчесто последиците од одлуките се товарат
на извршителот, кој има правни облигации во државата како резидент. „Ставропигијалното
право на ЦП има дескриптивна природа, устен обичај[35], и е недоволен канонски принцип. Самото тоа
право е оспорувано како вонјурисдикциско, дури и во јурисдикцијата на ЦП, и
произлегува од практични проблеми што се предизвикувале во секоја епископија, при
што често настанувале провокативни однесувања на клирот и монасите на
ставропигиите под ЦП[36].”
„Активностите
на ЦП (ʽВселенскатаʼ) се засновани
само на долговремениот и непишан обичај, којшто од најстари времиња до денес,
има тенденција да му се зададе поголема сила дури и од каноните. Но,
повикувањето на долговремениот устен обичај има дескриптивна природа.
Таканаречена ʽЕпанагогаʼ не е доволен канонски принцип, и не може да се третира
како извор на право, бидејќи е устен обичај во Православната Црква”[37]. Самиот устен обичај никогаш не доживеал канонска примена, бидејќи не бил
вклучен во кодексот. Затоа, истиот е во колизија со експлицитните одредби на
каноните од Вселенските собори. „Канонска основа, како и обичајот патријарсите
да можат да основаат ставропигии постои само во јурисдикцијата на Помесната
Црква, таму каде што нивното име го спомнуваат сите епископи. Во таа смисла,
Теодор Валсамон забележал дека: ʽНиту еден патријарх не му е дозволено да
основа ставропигија во јурисдикцијата од друга патријаршијаʼ[38]”.
ЦП настојува
да изврши имплицитното укинување (implied repeal) на древната еклисиолошко‒канонската теорија ‒ „епископ и соборна волја на
епископи кои формираат Помесна Црква, и збир на меѓусебно еднакви претстоители
на Помесни Цркви, кои ја формираат Вселенската Црква”. Укинувањето на овој
поредок претставува судир на канонски одредби (правна колизија) со сите претходни канони утврдени од
Вселенските собори. Настојувањата на ЦП е со цел нивна измена, и тие да станат
правно (канонски) неоперативни (нефункционални), притоа без да бидат предложени и усвоени од Вселенски собор. Така што, ЦП
може да биде: „Најсветата Црква, од сите цркви во градовите и во светот,
мајката и главата” (sacrosancta ecclesia omnium urbis et orbis
ecclesiarum mater et caput), може да ѝ се дава
чест, но никогаш не смее да поседува власт (causae maiores) над градовите (државите) и над светот.
28‒иот канон
од Халкидонскиот собор на ЦП ѝ дал авторитет, во форма на првенство на чест,
бидејќи никаде авторитетот не е извор на формално дадено право. Оттука, не
постои унилатерална иницијатива или одлука за прогласување автокефалност на
една Црква, бидејќи тоа претставува actus non legitimus (законски нелегитимно [бесправно] дејство), и не е поврзано со посебно даден канонски авторитет на „Вселенската”
патријаршија, ниту, пак, на некоја друга патријашија во светот, заради, како
што пишува Фидас: „Сочувување и ускладување на единството на Помесните
Православни Цркви[39].”
Токму во
самододелените прерогативи (самоовластувањето) се состои погрешното толкување, од каде што, пак, произлегува и
новосоздадната доктрина: за апсолутна власт на ЦП, за единствен епископ на
целата „Вселена”. Секој православен, кој ги почитува апостолските и канонските
уредби (институти), оние што го посветиле животот во нивна одбрана, би требало да препознае
колку се опасни и неискрени аргументите ‒ ако не бидат раздвоени овластувањата
од: народот и Црквата, во однос на државата; никој нема право да ги раздвојува,
бидејќи посебен народ‒држава ‒ заслужува посебна Црква; и, пак, никој нема
право надвор од тој административно‒црковен сојуз да се поставува над нив.
Погрешното
толкување на 28 канон од Халкидонскиот собор се однесува на вонјурисдикциска
интервенција или нарушување на суверенитетот и непочитување на канонската (правната) еднаквост (злоупотреба на туѓите права)[40]. Застапниците на новиот модел во Православната Црква
свесно вршат екстраполација (незаконско проширување
на овластувања) во непознат домен, и пред сè, употреба на
намерно погрешна номотехника ‒ замена на честа (privilegium honores) (3 канон од II В.С.), со неприкосновеноста (privilegium immunitatis). Воведуваат superanus, кој поседува исклучиво право на врховна власт, којашто не е подредена никому; апсолутизам или
форма на владеење, каде што владетелот не е ограничен со уставот или со
законите
(каноните).
Сепак, експлицитен е 28 канон, во смисла дека на ЦП ѝ се потчинуваат трите
црковни области (Понт,
Азија и Тракија), во
коишто таа треба да се занимава со решавање тужби/жалби (спорови) помеѓу поединци или епархиски
распоредувања во областите од трите наведени митрополии.
Дворник вели дека е „императив да се испитаат намерите на
Отците кога го донеле овој канон. Иако предвидувањата на канонот се однесуваат
пред сè на организацијата на Цариградската Црква, сепак тие биле загрижени од
можноста канонот да биде протолкуван како екуменски (дека се однесува за целата Црква)[41].”
Во
последните 150 год., моделот развиван и применуван од ЦП, е воведување „епископ
на епископите”, или светска јурисдикција, таканаречено универзално (вселенско) поглаварство, а со тоа и власт и
јурисдикција над целата мрежа од епископи во светот. ЦП и нејзиниот патријарх
нема посебна власт над останатите претстоители на Помесните Цркви, такво нешто
не постои. Освен Вселенскиот собор, не постои дадено канонско одобрување за
овластување со некаква посебна законодавна или извршна власт на некој
патријарх. Заради тоа, ниту патријархот на ЦП не би можел да се смета за
формално‒правен и административен центар на Православието. Таквата реформа е со
цел централизирање на Црквата, воспоставување врховна власт или прелат,
поглавар (шеф) на
Универзалната Црква („Вселенска”), и конечен арбитар за прашања за верата (догматски) и за дисциплината на Православната Црква (единствениот стопан на законите ‒ „the main leader of Orthodox Church”). Меѓутоа, за Православната Црква, Вселенскиот собор го поседува правото за
врховно законодавство, како израз на пленарноста од сите поединечни Помесни
собори на автокефалните Цркви. Вселенскиот собор (уште од Педесетница ‒ слегувањето на Светиот Дух врз апостолите) е парламентот на Православната Црква, којшто, пак, е суверен (највисок законодавен орган ‒ догматски и канонски). Тој во себе не имплицира политички суверен (концентрирана политичка моќ во еден човек), што значи дека, ако во парламентот (во Соборот) се предлага непопуларно или угнетувачко законодавство, тогаш тоа не може
да се примени во пракса[42].
Никој не
може да претендира кон идејата за јуридички примат. Јуридичкиот примат не може
да биде заменет или спротиставен на пастирското првенство (честа) за служење.
Цариградскиот
патријарх нема директна надлежност надвор од ЦП, бидејќи не му е доделена со
одредбите од каноните. Во православната канонска литература непозната е
вонјурисдикциска надлежност; неговата примарна функција во однос на целата
Православна Црква е да се занимава со односите помеѓу автокефалните цркви.
Функцијата првенство не е јуридичка, туку има за цел патријархот на ЦП да ги
спроведува иницијативите и координациите за свикување Вселенски собор.
Функцијата не определува самостојното (унилатерално) одлучување, не дава посебна улога на некаков надепископ, кој е на врвот од
пирамидална структура, туку прв меѓу еднаквите (primus inter pares ‒ first among equals) или senior. Тоа е, неговата примарна улога, промовирање и одржување
Православно единство. Освен тоа, апсурдот е уште поголем, бидејќи поимот
автокефалија, и етимолошки и црковно‒правно, подразбира самостојност при
изборот на главата ‒ претстоителот, оној на кого меѓусебно‒еднаквите епископи
му даваат чест да претстојува во собранијата, и евхаристиските и
административните, без посебни извршно‒правни прерогативи. Оттука,
претстоителот не може да биде друг, како што Цариградскиот патријарх настојува
да биде над митрополитите во целиот свет, освен оној на кого таа чест еднаквите
ќе му ја доверат, и оние што административно се вклучени во границите на една
држава. ЦП не може да воведе диференцијација меѓу претстоителите на Помесните
Цркви, што се однесува на нивната подреденост (субординираност), нешто што ќе влијае врз црковната
организација. Не може да биде некаков надворешен патријарх, освен оној што е
поставен во главниот град на административната област (државата). Уште поголем апсурд е определување каква
било можност некој во „Вселенската” Црква да биде избран за прв; веројатно,
оттука се создава идејата, во целиот свет да се основаат митрополии (егзархати на ЦП), коишто, пак, ќе бидат изворот на право за
избор на првиот епископ на „Вселенската” Црква; досега, прв епископ немаше
можност да биде избиран од Вселенската Црква, бидејќи патријарх единствено може
да биде избран во Помесна Црква.
Ниту еден
патријарх не е носител на основното решение: канонско, судско или административно‒дисциплинско.
Предлозите за канонски и дисциплински решенија се поднесуваат до Вселенските
собори. Таму со присуство на сите епископи се произнесуваат дискусии за
решенијата. Решението се гласа во форма на одлука или канон, со мнозинство
гласови; одлуката или канонот влегува во канонскиот кодекс на Вселенските собори.
Во таков случај, Соборот ќе донесе согласност сите претстоители на Помесните
Православни Цркви да бидат овластени за потписници, без да се истакнува
важноста од потписот на кој било издвоен патријарх.
Модел за
доделување автокефалност на некоја автономна Црква е 8 канон од III Вселенски
собор, каде што мнозинството епископи кои учествувале, со мнозинство одлучиле
да ѝ се даде автокефалност на Кипарската Црква, иако таа била дел од
Антиохиската префектура (Кипар бил
административна област на државата Антиохија). 17‒иот канон од Халкидонскиот собор, пак, е круцијален за исполнување
критериум за автокефалност ‒ 30 години непречено управување со една црковна
област.
„Синодите и
Соборите од сите времиња, и во сите Цркви, мора јасно да го демонстрираат следното.
Оној што претседава мора секогаш да биде во служба на оние меѓу кои тој
претседава за уредување на Божјата Црква, во љубов и вистина. Должност на
претседателот, чија функција да претседава ја добил од чест, а не заради власт,
е да го почитува интегритетот и суверенитетот на сите Помесни Цркви, да им даде
глас на безгласните, и да го поддржува единството во различностите[43].”
„Соборноста
е самиот облик на хиерархијата. Самата суштина на Вселенскиот собор е принципот
на хиерархијата на мноштвото; и Православната црковна влада мора да биде
вкоренета во „соборна онтологија[44].”
Овластувањата
што произлегуваат од каноните го одредуваат примарниот авторитет на јерахијата,
тие имаат ограничувања што се службени (official), правни (legal), догматски (dogmatic) и практични (practical). Сите овластувања се ограничени во
неприкосновените надлежности на епархијата, надвор од неа не постои
овластување, освен чест. Во однос на тоа, сè што е неканонски, што отстапува од
Преданието на Светите Отци, мора да биде поништено! Бидејќи, сега, се врши
отворено прегрупирање кон двата неканонски концепти (модели), и на ЦП и на РПЦ, каде што и двата концепти
се поставуваат во функција или на „вселенскиот” примат на Цариград,
јурисдикција во целиот свет, или во функција на Московскиот територијален модел
во повеќе држави.
Прегрупирањето
во однос на поддршката кон еден од моделите треба да запре, а тоа значи: „Ниту
за Москва против Цариград, ниту за Цариград против Москва! Само за
Православната црква, чиј систем, на наше големо жалење, сега е најзагрозен
токму од тактиката и стратегијата на ЦП[45]!”
Очигледна е
тенденцијата за противречно изменување (дерогација) на најважните одлуки од претходните седум Вселенски собори, за коишто
веруваме дека се донесени преку благодатта од Светиот Дух. Сегашното
ремоделирање на еклисиолошкото Предание и на канонската теорија, има функција
на горделиво проширување на јурисдикцијата надвор од утврдените граници.
Впрочем, ниту еден Вселенски собор не противречел на претходниот, туку секој
нареден Собор бил комплементарен со претходните, а сега, за одржувањето нов
Вселенски собор ново‒предложената канонска номотехника противречи на сите
претходни Вселенски собори. Затоа, спротивставеноста на каноните произлегува од
несистематско толкување.
Некои црковни достоинства и служења, што се појавиле во текот на историјата, со цел организирање на надмитрополитски систем на јурисдикција, не смеат да го уништат основното начело и степените на јерархијата: ѓакон, презвитер и епископ. Патријархот или архиепископот на една Помесна автокефална Црква, е само по чест пред секој епископ на една епархија. Честа е административно‒изборна, слободно дадена функција, што потоа наоѓа и литургиски израз; претставува слободна епископска волја за здружување со
останатите епископи на, од нив, определена јурисдикција, на тој начин, што се потврдува еднаквоста и соборноста на епископатот во една Помесна автокефална Црква. Само преку икономија може да се допушти служење на регионална или национална димензија (митрополит, егзарх, примас, архиепископ, патријарх), во согласност со другите епархиски архијереји. Во Православието не постои епископ на Соборната („Вселенската”) Црква.
Од друга
страна, пак, liberum veto (слободно вето) на Цариградскиот патријарх, значи од ништо неограничувано вето, претставува автократизам, апсолутизам, состојба на право за самоопределба, самододелен прерогатив да прави што му е по желба (паполатризам). Ветото претставува ултимативна контрола и, во таков случај, постојано би се надминувале
канонските овластувања, всушност, тие нема ниту да постојат, поточно самододелувачки прерогативи би ја „управувале” Православната
Црква. Такво нешто не е признато во Преданието. Самиот Устав на Црквата (каноните) би биле „мртво слово на хартија” или „само парче пергамент”, тој би немал никакава канонска или правно‒одговорна
или обврзувачка моќ. Целокупната моќ би била концентрирана кај еден епископ, кој, пак, би бил над Уставот (кодексот на каноните). Станува збор за исклучителност, непостоење споделена одговорност, наспроти пленарноста на суверенитетот, обезбедена само преку Вселенските собори; право што се стекнува од конститутивноста на сите Помесни Цркви, без разлика на идентитетската самоопределба на народите што припаѓаат на Помесните Цркви во Православието. Ако постои надсоборна власт на еден
епископ во однос на друг, особено власт на еден претстоител на Помесна Црква во
однос на друг, на тој начин, се воведува антиегалитаријанство и непленарност,
тогаш Православната Црква функционира по аномизам (безвластие). Ваквото настојување да се концентрира целокупната моќ во рацете на еден епископ претставува суспендирање на православното начело за „прв меѓу еднаквите” ‒ primus interpares (πρèτος μεταξÚ …σων), тоа е дискредитација на суверенот во Православието, што е Вселенскиот собор, мериторен институт‒субјект (канонска уредба) што е надлежен за донесување закони (канони), којшто, пак, својот правен (канонски) поредок го црпи од Архијерејскиот(те) собор(и) на Помесната(ите) Црква(и). Архијерејските собори, исто така, се институти што претставуваат врховна законодавна власт, што не се подредени никому, посебно не
на еден „главен” епископ во Помесната Црква или воопшто во светот, кој би се
прогласил прв без еднакви на себе (primus sine paribus). Суверенот во Православието е колективен принцип, и никако поинаку. Освен, ако не се настојува да биде воведен преседан во Православието, којшто ќе го направи дисфункционален Православниот принцип на подеднаква важност на архијерејскиот систем на гласање, на споделена одговорност, при што, секој правилно ракоположен (православен) епископ мора да учествува
во Вселенските собори (лично
или преку полномошно на Архијерејскиот собор). Секој епископ може, во архијерејскиот
собор и во Вселенскиот собор, да сугерира за дискусијата на предложените догматски или административно‒дисциплински канони.
Суспензивното вето е недопустлив метод во Православната Црква. Таквиот инструмент, кога би бил на располагање на еден епископ, е моќ да одбие потпишување одлука од пленарното мнозинство, дејство коешто претставува самоволие (ex informata conscientia/неограниченост
и по свое уверување) на претсдателот на Вселенскиот собор. Личната увереност којашто е без извор на право е е недозволен механизам, спротивен на поимањето за сувереното устројство на
секој претстоител, што канонски е засновано, можност за контролирање на потчинетоста на останатите епископи. Тоа е навлегување и преземање дел од законодавната надлежност, со што се создава состојба на судир на надележности, бидејќи секој епископ е законодавец, самиот по себе, и соборно. Во својата епархија (во главниот град), претстоителот е потполно и во строга смисла самостоен (неприкосновен авторитет) и управува со неа по свое сопствено право, што го црпи од каноните и од Уставот на Помесната Црква, но надвор од неа
тој само поседува чест без да има власт. „Строго се казнува какво било мешање на епископ во друга епархија, но, исто така, му се забранува и на автокефален патријарх или архиепископ во поглед на мешањето во туѓа епархија” (2 канон од II ВС и 17 канон од Трулскиот собор).
Суспензивното вето го рехабилитира средновековниот принцип, што се нарекувал суверен имунитет (privilegium immunitatis) или крунски имунитет[46]. Суспензивното вето е дерогација (намерно остранување или исклучување на некаков пропис) на каноните од Православната
Црква, односно престанок на важењето на канонските нормативи, или, едноставно кажано, концентрирање на неприкосновена власт во еден епископ, исто како папската власт во Римокатолицизмот. Прелат, исто така, идеја развиена и практикувана во Римокатолицизмот, што во себе ја концентрира апсолутната законодавна и судска власт. Суспензивното вето, доколку му се даде на еден епископ (патријарх или архиепископ), во таков случај, Православната
Црква станува територијална прелатура
составена од егзархии и митрополии, односно сите Помесни Цркви
преминуваат под директна јурисдикција на еден човек, автономни митрополии, и сите епархии добиваат нов статус nullius diаеceseos, така што, секоја територија на епархиите паѓаат директно под една јурисдикција, под јурисдикција на еден надепископ ‒ таканаречени викаријати. Останатите епископи стануваат обични вазали на еден епископ (прокуристи, кои извршуваат работи во име на друг), односно другите епископи стануваат безгласни, што е
недозволено.
Какво било давање право на нададминистративна должност, на еден патријарх или архиепископ врз остатокот од претстоителите од Помесните Цркви
во светот, претставува неоправдан со ништо исклучок во Православието, бидејќи во каноните донесени од Вселенските собори нема такво
нешто, и е исклучок од целокупното Предание на Црквата.
Никој не треба да се плаши од еднаквоста на епископите, таа никогаш не е во спротивност со законот (aequitas nunquam contravenit legem)[47]. Или, пак, доколку некој од епископите има надепископска власт, тогаш станува збор за меѓусебно нерамносилни, при што, посилниот би го уништил послабиот или послабите. Бидејќи, како што многубоштвото е безбожност, така многуначалноста (πολυαρχ…α) по нужност е безначалност. Претстоителот има право во туѓа епархија да врши свештена служба само при
соборно служење на сите епископи на една Помесна автокефална Црква, како
potestas ordinationis (право на ракополагање), а власт да управува ‒ potestas jurisdictionis (право на управување) ‒ нема, затоа што власта
е неспоива со полнотата и исклучивоста што ја ужива во јурисдикцијата секој
епископ. Истото право е пренесено и меѓу патријарсите или архиепископите кои
немаат власт да управуваат над другите патријарси или архиепископи, односно
имаат само privilegium honores (чест).
Во насока, пак, да ја објасниме драстичната разлика и позитивните (развојни) ефекти што ги произведува правилната примена на авторитетот, прво што мора да се направи е, тој да се оддвои од грубото поистоветување со моќта и со авторитаризмот, како негови антиподи. Законски дадениот авторитет потчинува, затоа Православната Црква не
познава посебен авторитет на еден патријарх (ниту на Цариградскиот). Правилниот авторитет, пак, не оној нормативно и законски регулираниот, освен што е дадено право, но главно тој се развива како харизма личноста другите да ги собира околу
себе. Собирањето е акт на одобрување од другите, како својство на личноста која ја изградила својата тријада на: добродетелност, љубов и служење на другите. Сето ова, во моментот е тешко за сфаќање, бидејќи целиот живот на Православната Црква е декласиран. Не може првиот да се однесува деспотски, автократски и да не му е грижа, што велат другите и какви потреби
имаат.
Цариградскиот
патријарх мора да е еднаков на сите патријарси или архиепископи на
автокефалните Цркви. Неговото одликување се однесува само на дадените почести
од еднаквите на него патријарси и архиепископи. Неговата функција и положба не
треба да се истакнуваат никакви концептуални и методолошки разлики. Тој, како и
другите претстоители на Помесните Православни Цркви, не смее да се разликува
според власт од ниту еден надлежен епископ, бидејќи според Заповедите: „Должен
беше во сè да личи на браќата” (Евр 2, 17).
Не постои
власт над епископот во Црквата[48]. Сепак, епископот својата соборна волја ја
изразува со другите епископи, не поради свое потчинување, туку поради
сигурноста на границите на Помесната Црква, којашто треба да се поклопува со
границите на политичката сувереност на државата.
Пред
дискусијата за 28 канон неповратно да се развие во правец на пирамидално‒централна
администрација концентрирана во ликот на ЦП, апологетите на древното поимање на
Црквата мора да се залагаат за повторна примена на принципот на прилагодување
кон политичката поделба на државите со административната организација на
Црквата.
Белешки:
[28] Токму тоа е меродавното канонско и
еклисиолошко устројство. Токму таа е длабоката свест од првите векови на
древната Црква.
Од моментот кога ја прима епископската
благодат, тој ја остварува во просторот и во времето својата локална Црква
(епархија). Тој станува органска глава од телото на локалната Црква (глава на
епархијата); тоа е негово неприкосновено право, коешто, пак, произлегува од
Божественото право (од Посланијата). Во тој дух, епископот има својство на
глава на видливото тело на локалната Црква (епархијата). Тој делува како уста
којашто ја изразува свеста за автономност на локалната Црква (оттука, дека само
епархијата може да се нарече автономна, а не денешното толкување, дека збирот
на локални цркви [епархии] се нарекуваат автономна Црква) ја има внатрешната
самодоволност, како видлива глава на локалната Црква.
Единствениот сигурен критериум за вистинска
Евхаристија е епископот. Вистинското ракополагање на епископите, кои имаат
полнота во совршувањето на Евхаристиите, ја изразува вистинитоста и
идентичноста на Евхаристијата, не само внатре во границите од една епархија
(локална Црква), туку, исто така, преку заедницата од административните
претстоители од локалните цркви се формира Помесната Црква, оттука на
Вселената, коишто се наоѓаат надвор од границите на тие епархии. Во таа смисла,
административната автокефалност на Помесната Црква служи за единство на
Православната Црква, бидејќи административниот претстоител станува канонски пат
којшто делува во двонасочна смисла за да сведочи за идентичното искуство во
Христос, што се живее во Евхаристијата во секоја локална Црква.
Тоа е видливо од утврденото Предание при
поставувањето епископ во упразнета област (локална Црква); тогаш е потребна
соработка меѓу епископите од локалните Цркви, што, притоа, ја формираат
Помесната Црква; со своето учество во Евхаристијата којашто ја врши оној што во
моментот е ракоположен од повеќето епископи ‒ епископите кои ракополагаат, од
една страна, го признаваат како совршител на Евхаристијата и како органска
глава на на телото од локалната Црква (епархијата).
За сето ова, пишува протопрезвитерот Николај
Афанасјев: „Избраниот и поставен епископ стапува на своето служење како
претстоител на Црквата, за којашто е поставен преку извршувањето на првата
Евхаристија. Како претстоител, тој е првосвештеник на својата Црква, а неговото
првосвештенство се состои во тоа што токму тој, и никој друг, а згора на тоа,
тој самиот, а не во ʽсослужениеʼ со презвитерите, ја извршува Евхаристијата.
Тој е поставен заради тоа, и заради тоа му се измолуваат дарови и молитви на
поставувањето, за да може да го паси своето стадо и непорочно да ја извршува
првосвештеничката служба. Неопходно е да се обрне внимание на уште еден значаен
детаљ. Новопоставениот епископ претстоителствува на евхаристискиот собор
непосредно откако врз него е извршено поставувањето во епископско достоинство.
Епископите кои зеле учество при поставувањето, дури и оној што го извршил
поставувањето, не началствувале во евхаристискиот собор. Присутните епископи не
ʽсослужувалеʼ заедно со поставениот епископ, или, поточно кажано,
новопоставениот епископ не сослужувал со нив. Исклучена е претпоставката дека
епископите го напуштале евхаристискиот собор, откако ќе го постават новиот
епископ, туку ги заземале најпочесните места, затоа што тој, а не тие, станал
епископ на Црквата за којашто е поставен.”
Николај Афанасјев, Трпеза Господова (2014), Куманово: Кумановско‒осоговска епархија стр.
55‒57.
[29] Локалната Црква (епархијата) којашто
плодоужива внатрешна автономија, сепак не е автокефална, со други зборови, таа
не може самата во себе, и самата посебе, да го стекне својот претстоител. Токму
од тие ограничувања на еден епископ, имало потреба да се развие митрополитски
систем применет врз граѓанските провинции, согласно каноните: 4, 5, 6 и 7 од I
ВС.
Власије Фидас, Канонско право (2001), Београд: Богословски факултет СПЦ ‒
Хиландарски фонд, стр. 136.
[30] Митрополиите, како административен
систем, имале првенство на чест, не на власт, дефинирано и во Првиот помесен
собор, Антиохиски, со 9 канон. Митрополитскиот систем го зачувува единството
околу еден центар, како што е епископот во главниот град, и преку збирот од
сите локални епархии, односно сите епархии во еден надепархиски собор (4 канон
од I ВС). Значи, вистинската канонска форма за црковно‒административна
автокефалност, поврзана со правото за ракополагање и за судење епископи,
правото е митрополитската организација на Црквата на секоја политичка
провинција, (форма) утврдена со каноните: 4, 5, 6 и 7 од I ВС. Формата, исто
така, добива потполност со 2 канон од II ВС, каде што се определува дека
автокефалните првојерарси се избирани од архијерејските собори.
Власије Фидас, op. cit., стр. 138.
[31] Исто,
145.
[32] Катедрите: Рим, Цариград, Александрија,
Антиохија и Ерусалим, тежнееле да ја прошират својата административна
јурисдикција, постепено развивајќи надмитрополитски авторитет во прашањата за
правото за ракополагање епископи и за правото за судење епископи. Исто, стр 138‒139 и 141.
[33] Исто, 142.
[34] „На Цариградскиот епископ, пишува Јован Зонара, му се предаваат и хиротониите на епископите кај варварските народи, коишто се наоѓаат во наведените диецези: Аланите и Росите, бидејќи првите граничат со понтиската диецеза, а Росите – со тракиската.”
Сергије Троицки, op. cit. Црквена јурисдикција над …, 26.
[35] Ставропигијалното право потекнува од документот
„Епанагога”, никогаш не влегол во канонскиот кодекс, затоа не се смета за извор
на право (не е канонско право). „Епанагогата” е составувана од патријархот Фотиј
и царот Василиј I Македонец, со цел да се зголемат привилегиите на патријаршијата.
[36] Власије Фидас, op. cit, стр. 200, 204‒205.
[37] Исто,
199.
[38] Исто,
199‒200.
[39] Папата се смета за суверен на
Римокатоличката црква. Папата со државите составувал договори коишто се
нарекувале конкордати, таму каде што имало римокатолички верници. Исто така, и
Цариградскиот патријарх, по тој принцип, создава договори со државните власти
на земјите со спорни црковни јурисдикции. Пример, Финска, Украина, Македонија.
Во договорите што Цариградскиот патријарх ги потпишува, во одредени членови се
дефинираат односите меѓу него и државата (финансирање и дипломатски имунитет).
Види: Никодим Милаш, op. cit., Црквено Право, 760.
[40] Cf. Фидас, op. cit., 142.
[41] Francis Dvornik, The Idea of Apostolicity in Byzantium
and the Legend of the Apostle Andrew (1958), Harvard University Press,
Cambridge, Massachusetts, p. 83
[42] „На Цариградскиот епископ, му се потчиуваат, пишува Аристин, само митрополитите на: Понт, Азија и Тракија
и од него добиваат хиротонија, исто
така и епископи кај варварските
народи во овие диецези, бидејќи диецезите: Македонија, Илирика, Тесалија, Атика, Пелопонес и целиот Епир и (варварските) народи во нив,
тогаш биле под власта
на Римскиот епископ.”
„Епископиите кај варварите, пишува Валсамон, се: Аланите, Росите и други, бидејќи Аланите се од понтиската диецеза, а Росите
од тракиската.” (С.
Троицкий, О границах распространения права власти Константинопольской
патриархии на „диаспору”, Журнал
Московской Патриархии 11 [1947]: 34–45).
Во „Синтагмата од Матиј Властар читаме: „На епископот на Цариград дозволено му е да ги хиротонисува и епископите кај варварските народи, што се гранични
места со неговите потчинети диецези, какви што се: Аланите и Росите, првите граничат со понтскиската
област, а другите со тракиската диецеза.” (Е, 11; Ат. Синт. VI, 257).
Гледаме, значи, дека сите авторитетни каноничари тврдат, дека Халкидонскиот собор на
Цариградскиот епископ му го дал само тоа право во поглед
на дијаспората, коешто му припаѓало пред тој собор на диецезите: Понт, Азија
и Тракија, односно право да ракополага епископи за дијаспората само на пограничните
територии со тие диецези, а Зонара и Аристин, освен
тоа, укажуваат дека, дури на Балканскоиот полуострв право да праќа епископи
му припаѓало ‒ не на Цариградскиот епископ, туку
на Римскиот епископ.
Не постои православен поим што е еквивалентен
на папството: православните цркви работат во архијерејски соборен систем, при
што црковните работи ги решаваат или ги извршуваат надлежните: Соборот, односно
Синод и поединечните епископи, каде што секој епископ има еден глас. На петте
патријарси на древната Пентархија (Рим, Константинопол, Александрија, Антиохија
и Ерусалим, по тој редослед) им била дадена чест, но немале вистинска
административна власт над другите епископи, освен моќта на Синодот што го
претседаваат (а во кои тие имаат и еден глас).
Во 2007 година, Цариградскиот патријарх го
даде своето одобрение на документот од Равена, католичко‒православен документ,
каде што се тврди дека: „Епископот на Рим е навистина Prōtos („Прв”) на
Црквата, како во „првиот меѓу еднаквите“, а не врховниот, иако идните дискусии
треба да се одржат за конкретната црковна практичност од првенството на
папството.” Ecclesiological and Canonical Consequences of the Sacramental
Nature of the Church. Ecclesial Communion, Conciliarity, and Authority,
Ravenna, 13 October 2007, para. 5. Henceforth
quoted as Ravenna statement, (Ravenna document, nn. 43‒44).
[43] Commission on Faith and Order, „Faith
and Order Paper No. 181: The Nature and Purpose of the Church: A stage on the
way to a common statement” (Geneva: WCC/Faith and Order, 1998), p. 54 (§109).
[44] Alexander Schmemann, Towards a Theology of Councils in Church,
World, Mission (1979), Crestwood, NY: SVS Press, 177, 165.
[45] Rex non potest peccare спроведува
концепт на човек кој самостојно дозволува дека царот не може да направи ништо
погрешно. Тоа е доктрината на монархиите, но уште полошо, доктрина на
тиранијата. Максимата за непогрешливост (папски инфалибилизам) на некој
субјект, кој е над законите, се однесува на владеењето во неограничена смисла.
Тоа значи дека, таквиот суверен, индивидуално, неговиот природен капацитет е
независен, и не е подложен на која било друга земна јурисдикција.
[46] Како што се вели кај Милаш: „Секој
епархиски архијереј е поглавар на својата епархија” (Никодим Милаш, op. cit. (2004), 399). Во таа насока,
пак, професорот по Канонско право Власиј Фидас вели: „Соборноста (заб.
рамноправноста во системот на гласање со мнозинството) претставува полнота на
авторитетот, што значи комплетност (полнота), како и компететентност, за соочување со
сите прашања што се однесуваат на правото на ракополгање и правото на судење на
епископите. Заради тоа, еднодушната одлука на Соброт на епископи, за судење на
епископ, како и мнозинската одлука за избор и ракополагање на епископ, е конечна
и без право на жалба” (Власије Фидас, оp.
cit., 132).
[47] Првиот, станува стварно прв, доколку
меѓу другите се издигне со своите добродетели, со својата љубов кон другите и
со своето служење на другите. Внатре, во кој било организиран систем, нужно
мора да постои ἀρχή (начело, суверен принцип на добропостоењето), кој треба да
е во можност да предизвика развојна (организациска и кадровска) промена,
бидејќи сè што се движи (Синодот, Помесната Црква, Вселенската Црква), мора
некој да го задвижи. Сè во Црквата се изразува преку начинот, на кој што постои
Триипостасниот Бог. Епископот е прв во Црквата, кој, пак, според укажаната чест
(евхаристиски) ја раководи заедницата во Христос. Не постои власт над епископот
во Црквата, посебно не над претстоителот на една Помесна Црква (Освен Синодот,
Архијерејскиот собор и Црковно‒народниот [помесниот] собор). Сепак, епископот
својата соборна волја ја изразува со другите епископи, не поради свое
потчинување, туку поради сигурноста на границите на Помесната Црква, којашто
треба да се поклопува со границите на политичката сувереност на државата. Но,
зошто е потребен прв меѓу еднаквите епископи? Првиот, пред сè, евхаристиски
интегрира, тој е само гаранција на собирањето. Првиот, пред сè, не се изразува
преку власта над другите, туку тој се потврдува преку честа, што другите му ја
укажуваат, поради тоа, што тој им служи на другите.
[48] Сè во Црквата се изразува преку начинот
на којшто постои Триипостасниот Бог. Епископот е прв во Црквата, кој, пак, ја
раководи заедница во Христос. Зошто е потребен прв меѓу еднаквите епископи?
Првиот, пред сè, ја обединува заедницата. Првиот, пред сè, не се изразува преку
власта над другите, туку тој се потврдува преку честа, што другите му ја
укажуваат, поради тоа, што тој им служи на другите. Доколку нема прв, секако,
секој би бил самиот за себе, секој би бил прв, самиот во својата, од Бога
дадена епархија. Но, првиот нè собира, во него сите се обединуваме и стануваме
едно тело, како што се соединуваме во Господа. Така, тој е гаранција на
единството.
No comments:
Post a Comment