Monday, March 2, 2020

Знаеме кои сме, само кога знаеме кои не сме, и често само кога знаеме против кого сме (4 дел)




VI) Релевантноста на Одлуката од Третиот црковно‒народен собор е неизменлива или е позитивно изменлива само како бескраен саморазвој на МПЦ‒ОА

Наместо барањето на МПЦ‒ОА до ЦП да биде за прифаќање на статусот на МПЦ-ОА, тоа наликува на обраќање кон врховниот авторитет на ЦП, и тоа во две варијанти: 1) молба до Цариградскиот патријарх да повика собор од помесен карактер (трилатерален), на којшто би бил разрешен (легализиран) црковниот „раскол” што МПЦ‒ОА го „создала”; 2) во случај од неможност да се свика, што е најверојатен исход, бидејќи СПЦ нема да се потчини на унилатералните постапки од ЦП, што, пак, во спротивно би било признание, од страна на СПЦ, на новиот модел на ЦП, дека ЦП е апелациски судија на „вселената”, во случајот МПЦ‒ОА би останала послабата страна во билтерален однос со врховниот авторитет на ЦП; 3) таквото обраќање кон судот од Цариградската Црква, е директно во врска давање легитимитет на нелигитимното „општо‒првенствувачко” значење на „вселенскиот” престол.
Цариградската Црква не може да ѝ биде МајкаЦрква на МПЦ‒ОА, бидејќи таа е правен наследник на Јустинијана Прима, којашто е основа за континуитет при конституирањето на Охридската архиепископија. Во ваков случај, останува дека во Барањето на МПЦ‒ОА е одлучено „позитивно”, според погрешна канонска премиса ‒ поддршка на ЦП за конечно добивање нов, супрематски статус (надсоборски ‒ над генералното собрание на сите Помесни Цркви), на „општопрвенствувачко значење на Вселенскиот Престол”. МПЦ‒ОА „аргументирала” посебен авторитет на ЦП во православниот свет, базиран, помеѓу другото, на апелациското право, сфатено во контекст на негова „канонски оправдана” примена на сеправославно ниво, како исклучива привилегија на спомнатата патријаршија (Цариград, односно Фанар[Истанбул]).

МПЦ‒ОА треба принципиелно да ја отфрли тезата за „легализација” на нејзиниот статус; таа треба неуморно да бара евхаристиско сослужување и да инсистира на задолжително присуство на сите предсоборски конференции, бидејќи никој не може да ѝ го ограничи тоа право (еретици и расколници присуствувале на Вселенските собори, иако МПЦ‒ОА не припаѓа ниту во една од категориите)

Инсистирањето на засебно црковно организирање, како посебна национална Црква, не е непознат феномен, туку претставувал конјуктурни политички прилики при создавање нови држави (кралства или царства). Засебното црковно организирање станало процедурално највисок принцип (maximae propositiones) во историјата на Православната Црква, што најмногу коинцидира на примерот на создавањето на Црквите од Балканот. Тоа е генерално Божествено право за создавање Цркви на народите. Исклучиво признание на полноправен статус на автокефалност, во суштинска смисла, освен што е загарантирано канонско право, тоа е и Божествено право на секој народ; негова несоборлива канонска основа за исклучиво признание, безусловно, без да има некој право да го оспорува дека постои. Охридската архиепископија (МПЦ), излегувајќи од потчинетоста на Српската патријаршија, не смее да ја преформулира Одлуката од Третиот црковно‒народен собор, заради канонска и морална неможност, или да ја деградира, туку мора позитивно да ја надградува. Одлуката од Третиот црковно‒народен собор за наследниците ‒ архијереите, клирот и народот на современата МПЦ‒ОА, е перемторна норма, односно непосредна и целосна послушност (облигација) на императивот (фундаментален принцип ‒ jus cogens) кон нормата, од којашто не е дозволено отстапување. Уставот на МПЦ‒ОА е врховен правен документ што ја одразува волјата на клирот и, пред сè, на народот. Оттука, автокефалноста е неделива, неотуѓива и непренослива. Црковно‒народниот собор во МПЦ‒ОА, како законодавец, својата полнота ја остварува вклучително преку општата волја на народот за засебно организирана Црква. МПЦ‒ОА сама по себе нема авторитет, туку таа е законодавец во својата јурисдикција вклучително со општата волја на народот. Синодот, како извршен орган на Црковно‒народниот собор, има право да скулучува договори со други Помесни Православни Цркви (примерот со „Нишкиот договор”), но тие треба да бидат одобрени со мнозинство од Црковно‒народниот собор. Таквите договори се „извршни договори” (executive agreements), и се валидни сè додека Соборот нè ги: одобри, оспори или укине со закон.

Постапките на ЦП и на патријархот Вартоломеј се конзистентни со неговата црковно‒политичка линија за превласт на „вселенскиот” престол во последните сто год, заснована врз специфични политички придобивки[49]

МПЦ‒ОА е премногу ослабена од прогонствата на СПЦ и на БПЦ. Таа не фигуративно, туку буквално крвари, оти за првпат по 50 год. во внатрешните односи се актуелизира дилемата, како увезен проблем, од оние што неовластено се шетаат по туѓи јурисдикции, дали таа е автокефална, што, пак, е: а) безусловна послушност кон императивот од Третиот Црковно‒народен собор, и  само ѝ е потребно сослужување, и б) или таа е неавтокефална, и дека ѝ е потребна легализација преку апелациска жалба до ЦП. 

МПЦ‒ОА се обидела да протестира, едноставно никој не обрнувал внимание на нејзиниот глас, заради злонамерно основаниот проект „ПОА”, којшто „ја извршува” функцијата „решение” за Црквата во Македонија, преку статусна и статутарна зависност од СПЦ (проектирана со цел трајна автономија и бришење на легитимитетот на Охридската архиепископија). „ПОА” е бестериторијално тело, статутарно организирано, без општа народна волја, чијшто суверен е СПЦ.

Во моментот, според развојниот пат на повеќевековниот проект за формирање митрополии или егзархати на ЦП во светот, ЦП е во состојба да го искористи прогонството на МПЦ‒ОА за да го реализира моделот (проектот/концептот) „вселенска” патријаршија, идентично како и во случајот на Православната Црква на Украина (автономна митрополија). За таа цел, аналогно на деградацијата на Православната Црква на Украина, ќе воспостави митрополитиски статус и на Црквата во Македонија, ќе ѝ ги ограничи правата, и ќе ја направи зависна од Цариград, како зависна црковна јурисдикција во рангот на митрополија, со одземен суверен/глава и законодавно‒судски зависен ентитет. Модел претходно употребен во Естонија (во Финска и во Чешка и Словачка), и аналогно на Украина којашто, пак, не успеа, во преговорите со ЦП, да го зачува својот уставно определен статус „Киевска патријаршија”, туку беше деградирана во митрополија на Киев[50]. На тој начин, засекогаш ќе останат нерационализирани настојувањата на Македонскиот народ за независна Црква. 

Решението за статусот на МПЦ‒ОА треба да се бара во континуираниот развој на внатрешната црковна структура[51], без мешање на ЦП, или каква било туѓа јуридикција (грчка, српска, бугарска или каква било немакедонска црковна власт). МПЦ‒ОА треба да продолжи да ги брани принципите, и да ги поддржува канонските вредности; неутралност кон спротивставените концепти е најсоодветна стратегија, со оглед на поларизираноста на моделите, при што секој оди во своја крајност. Во никој случај МПЦ‒ОА не смее да ги делигира сопствените права за суверено одлучување. Единствено што може, е да го претставува сопствениот ‒ повеќе од педесет‒годишен развој, од автономност кон автокефалност, на сите Помесни Цркви. МПЦ‒ОА овозможила неспорен развој на Православието во Македонија. Секако, равојот на МПЦ‒ОА е евидентен, и не смее да постои стравување или дилема дека постои некаква правна сила што може да ја оспори. Охридската архиепископија е conditio sine qua non; мајка Црква на Македонската Црква. Сите наследници на Третиот црковно‒народен собор мора да бидат чувари на автокефалноста, чувари на Уставот, преку посветеност, обврзаност и должност. Додека постои црковно‒народниот собор, тој ја има врвната законодавна власт. Никој поединечно (ниту Синодот) не смее да подлежи на коегзистенцијални (двојни) интереси, коишто се во директен судир со интересите на Македонските верници. Процесот на донесување одлуки не смее да биде нарушен или компромитиран. Никој не смее да изјавува спротивни придобивки ‒ лични интереси во парична или во материјална форма, компензации за надворешна помош за: „легализација на расколот”, за деградација во митрополија, за детронизација и интронизација на нов претстоител (нов митрополит; аналогно на Украинскиот пример). Лукративноста на поединците, иницијално ќе влијае на интегритетот или веродостојноста на исходот за МПЦ‒ОА, бидејќи ќе настане криза од спротивни дејствија во врска со примарниот интерес, или секундарниот интерес на поединци што вклучува лична корист и не е ограничен само на финансиска корист, туку и корист за кариерно унапредување, но народот што е лојален на МПЦ‒ОА ќе ги идентификува и ќе ги отфрли болните (вирусните) делови на нејзиниот организам. Затоа, потребно е јасно да се идентификуваат претенциозните (спротивставените) интереси на поединци од МПЦ‒ОА, кои вештачки создаваат напната состојба, којашто веќе станува непремостлива внатрешна криза. Потребно е строго да се воспостави процесот за нивно раздвојување од влијанието врз древните заложби на Македонскиот народ за возобновена Охридска архиепископија, без да биде зависна од туѓа јурисдикција, односно самостојно да се етаблира како автокефална ‒ полноправно суверена Црква во Македонија; способни сме правно да го реафирмираме незаконското (неканонското) укинување на Охридската архиепископија во 1767 год. Оние (антагонисти) што сметаат поинаку, јавно нека истапат, не латентно да го инфицираат телото (МПЦ‒ОА), да ги поткопуваат постулатите на Третиот црковно‒народен собор, слично како непријателите на МПЦ‒ОА што придонесуваат за нејзиното непостоење. 

И неодлучувањето е одлука ‒ неутралност, во фактички услови на раскол во Црквата (inter alma silent leges ‒ во време на војна, законите не важат). Всушност, должноста за неотстапување од Третиот црковно‒народен собор (суверенитетот е неделив, неотуѓив и непренослив) никому не му дава право да избере еден од двата завојувани „еклисиолошки” модели ‒ нивното погрешно поимање на јурисдикцијата врз Црквите, едната ‒ како интернационалистичка, а другата ‒ регионална превласт над повеќе суверени држави со автономни Цркви.

Решението за статусот на МПЦ‒ОА коешто би се извршило само преку одоброволување на јурисдикциските права на ЦП, е отфрлање на главниот атрибут ‒ суверена моќ врз својата територија, самоукинување на уставно правниот континуитет, којшто, пак, е неотуѓив и непренослив.  Секое мешање на ЦП и во внатрешните работи на МПЦ‒ОА, е со цел присоединување на МПЦ‒ОА кон ЦП, како деградирана митрополија. Оттаму, што ЦП создава митрополитско‒ставропигијален модел во „Вселенската” Црква, и МПЦ‒ОА ќе се вброи како автономна, потчинета, без да ѝ се доделат главните карактеристики на автокефалност. На тој начин, ќе биде прекината органската врска на Црквата на Охридската архиепископија со МПЦ, и ќе ѝ биде даден дополнителен аргумент за неканонските тежнеења на ЦП во целиот свет („вселенска или космичка” идеја за Црквата управувана од еден центар).

МПЦ‒ОА треба принципиелно да го отфрли барањето, ако тоа биде формулирано од страна на ЦП како предмет за „легализација на расколот” на МПЦ‒ОА, преку ултимативни услови, што, пак, таквата постапка за МПЦ‒ОА би била признавање одговорност за „расколот”. Јасно треба да ѝ се укаже на ЦП дека не ја прифаќаме аргументацијата ‒ доделување Томос, според принципот на митрополитот Евлогиј од 1931 год., или според принципот на Православната Црква на Украина, чиишто последици на дополнително разделување на народот и на црковното ткиво се општо‒познати. Руската митрополија во Париз ‒ Франција, и покрај што била долги години под ЦП, пред неколку години, со тешки маки, со многу дипломатски напори и средства на Одделот за надворешни работи на РПЦ, повторно беше присоединета кон Московската патријашија (РПЦ). Барањето што МПЦ‒ОА во иднина циркуларно ќе го испраќа до сите Помесни Цркви, треба да гласи дека замолуваме да биде констатиран духовниот и материјалниот развој, односно дека неизменливо и неповратно се исполнети сите законски (канонски) права за прифаќање кон безусловно сослужување; само таквата правна формулација содржана во барањето е легитимна.

Руската митрополија се обратила до Цариградскиот патријарх врз основа на „посебните апелациски права” на ЦП, засновани на 9 и 17 канони од Халкидонскиот собор. МПЦ‒ОА не треба на тој начин да ги остварува своите права, туку на ЦП да ѝ се обрати како координативен институт на Православната Црква, а не таков, коjшто има власт самостојно да одлучува. Обраќањето на Руската митрополија од Фрнација, констатира Троицки, е иницијален момент преку којшто ЦП започнала својата јурисдикција да ја проширува не над новокрстените народи кои гравитирале кон точно утврдените канонски области од 28 канон, коишто биле под цариградска јурисдикција, туку проширувањето, надвор од канонската одредба, се однесува на сите простори надвор од границите на останатите Цркви. „Евентуалното давање вакво право (право за јурисдикција над сите простори надвор од границата на другите Цркви) на ЦП било нелогично ниту во V век, ниту во денешно време, смета Троицки, имајќи предвид, дека такво право тогаш немала ниту првата по чест Црква – Римската.”[52]

Концептот на црковно устројство нема „никакво принципиелно догматско значење”, туку претставува практичен модел, којшто, како обврзувачки, се применува на традиционалноста од православните простори. Територијата е елемент на државата, а не на Црквата, и како таква не може да биде „во основа вселенска”. „Вселенскиот” модел на Црквата, управуван од еден центар и од еден врховен епископ, е премногу моќен концепт за да му се верува. Иако во основа „вселенскиот” модел на управување и устројство на Православната Црква е „интернационализмот”, политички принцип што ги надминува нациите, и се залага за поголема политичка или економска соработка меѓу нациите и народите, сепак тој поддржува посилна форма светска влада. Интернационалистичките принципи во Православната Црква, пак, должноста да им се помага на автономните цркви во светот, е применливо преку давањето чест, на првата по чест патријашија, и таа може координативно да делува на споровите помеѓу Црквите, но тенденцијата за централно лидерство е неоправдана. 

Како што вели Троицки, во основа на католичноста (= соборноста) на Црквата се нејзините членови (= верниците), а не територијата. Отука, произлегува тврдењето дека националниот (= персоналниот) модел на устројство на Црквата е поправилен од „вселенскиот”. Во корист на ова тврдење, Троицки наведува повеќе примери од животот на древната Црква[53].
Развојот на двата концепта за „еклисиологијата на Православната Црква”, може да се констататира дека се идеи за превласт.

Овластувањата на архиепископот и на Светиот Архијерејски Синод (Синод) на МПЦ‒ОА, имаат уставно ограничувачка власт (авторитет) од највисокиот законодавен орган ‒ Црковно‒народниот собор. Уставот е највисокиот правен акт што ги суспендира кршењата на правата и на обврските. МПЦ‒ОА не е без никаква правна контрола. Судбината на Црквата во Македонија, односно во Охрид се предадени на наследниците, кои самата таа ќе ги назначи. Во меѓувреме, и по најавите за некакви преговори, Црковно‒народен собор не може да се повика за да се направат потребни уставни измени, во однос на „шпекулациите” за првно и фактичко потчинување. Секаков вид преговори е фактичко потчинување, компромис што подоцна ќе доведе до субординираност на Архиепископијата кон Патријашијата (сеедно која: Пеќка, Трновска или како што најново се бара Цариградска). Сепак, МПЦ‒ОА не се движи во неизвесност, бидејќи нејзиниот постоечки Устав (ex lege) има правна важност, никој не може, и не треба, да се затскрива зад колективитетот, бидејќи легитимен врховен колективитет е Црковно‒народниот собор на МПЦ‒ОА.

Во древните времиња, Црквата во Македонија била без Синод, била без архиепископ; создала Црковно‒народен собор, конституирала Синод; сега Црквата конституира и Собор и Синод и архиепископ и митрополити. Претходно, таа го немала најсуштинскиот атрибут ‒ уставно‒правно да го определува суверенитетот и територијалните надлежности. Претходно, моралната харизма на Првиот архијереј била на завидливо ниво. Тој ја истакнал и неговата стратегиска храброст за созадавње Помесна Црква, како по примерот на сите основачи на Помесните автокефални цркви од соседните држави. Црквата во Македонија била и во прогонство; сега таа е само во привремена, неправедна изолација, заради политички причини. Нејзините наследници, не треба, под никакви услови, да направат отстапки!



VII) Измена на поредокот ‒ од неограничено во ограничено право

Под какви услови секој претставник на општата црковна власт ‒ епископската, свештеничката и народната, може да има овластување (авторитет или одобрение) или јурисдикциска сувереност: законодавна (уставни, зконски и подзаконски акти), судска (самостојно судење на епископатот и клирот), извршна (избор и потврдување на првојерархот, хиротонија на епископи) за уставна промена на постулатите? Се разбира, очигледно е дека никој поединечно не ја поседува власта самостојно да одлучи за промена на статусот (уставно‒правниот поредок) на МПЦ‒ОА; таквиот (самоволно), „нема да стори ништо друго, освен што ќе стори сè што е без размислување” (спротивно на 34‒от апостолски канон), при што, тој никогаш нема да добие генерално одобрение од народот (кај кого е правото за сувереност и jus gentium правото) за своите постапки. Порано или подоцна, сите ќе ја увидат канонската неправилност и погрешните чекори на таквиот. Беше санкциониран поранешниот митрополит Јован, а постојат индиции и за други одметнци кои треба, исто така, да бидат санкционирани. Завештанието од Третиот црковно‒народен собор и од архиепископот Доситеј е единствено поздравено дело, сè друго е разгледувано со сомнеж и со претпазливост. 

Како е можно да му се поставуваат (политичко‒октроирани) услови на првојерархот од група монаси, кои неовластено престојуваат во туѓи јурисдикции, кога ниту општиот Собор (Црковно‒народниот собор), ниту, пак, Синодот поднел, од својот заеднички епископски совет, предлози до Соборот за промена на статусот на МПЦ‒ОА, надвор од барањето за сослужување (единство со ППЦ), коешто не бара уставни измени?

Постојаните средби на епископите на МПЦ‒ОА (Синодските седници), автоматски не се „нарекува Собор”, не е единствената и неопходна форма којашто може законодавно да одлучува за измена на јурисдикцијата, за наследниот „имот” на Охридската архиепископија. Не може состаноците на епископатот да ги искористи своите црковно‒управни овластувања (извршни функции), и да донесе одлука (закон) за нејзините општи епископски решенија коишто се обврзувачки за Црквата, и имаат стратегиско значење. Синодите, во оваа правна форма, имаат помеѓу‒соборско присуство, и се анализирачко (истражување на краткорочни, среднорочни и долгорочни политики и планирани проекции), разгледувачко (преглед и избор на готови анализи и извештаи) или предлагачко тело на Црковно‒народниот собор на МПЦ‒ОА, што работи помеѓу Помесните или Црковно‒народните собори. Неговите задачи вклучуваат подготвување одлуки во врска со најважните (стратешко‒административни) теми од внатрешниот живот и надворешната активност на МПЦ‒ОА, но не вклучуваат законски решенија, туку само ги предлагаат на законодавниот орган ‒ Соборот. Законодавно‒правните својства на Црковно‒народниот собор имаат законодавна, но немаат управна власт, бидејќи управната власт е на секој епископ, како во Синодот, така и во епархијата, кој постапува согласно законските одредби во Помесната Црква или Црковно‒народниот собор, чиешто „расудување” е највисокиот правен орган.

Моделот што го применува ЦП врз сите митрополии во светот, за МПЦ‒ОА не е понуда за наследување (апостолско преемство), ниту е правна сукцесија на власт, туку е псевдоавтокефалија, бидејќи МПЦ‒ОА тоа веќе го поседува и еклисиолошки го практикува. Моделот од ЦП е примена на митрополитско‒ставропигијален систем, таканаречена централна управа на сите митрополии во повеќето држави во светот. „Вселенската” или „космичката” идеја за администрирање на Православната Црква од еден центар, има тенденција да се прошири до апсолутен и централен авторитет во Православната Црква. Исто така, ЦП има намера во Македонија, да продолжи со управувањето на Црквата, ексклузивно да ја зачува врховната управа. Таа настојува да го деградира статусот на МПЦ‒ОА, и да го заменат со своја управа. За таа цел, тие ќе изградат две управи, врховна и извршна, при што МПЦ‒ОА би била извршна или полу‒независна (субординиран статус или потчинет регион) провинција, без да постои впечаток меѓу народот дека го нарушуваат канонскиот авторитет и единството на целата Помесна Црква во Македонија. МПЦ‒ОА би била лишена од сувереноста на органите и би ѝ се вовело заедничка ‒ врховна и извршна црковна управа, врховна во Цариград и извршна (субординирана) на МПЦ‒ОА, дадена од полнотата на црковниот авторитет, Синодот на ЦП.

Имплементацијата на овој нов модел во Православието не е можен без колаборација и без провокативните измами на поединци ‒ внатре во Помесните Цркви, соучесници и додворувачи на „великата” Црква во Цариград, како и патријаршиите во Белград и во Софија, евидентно.



VIII) Трипати паднати во иста грешка

Синодот на МПЦ‒ОА, досега, мислењето и општото расположение на свештенството и црковниот народ го сметал за строг и респектабилен фактор, никогаш не ја занемарувал нивната лична улога во црковните стратегиски планови во Македонија. Не сметајќи дека е само‒овластен да ги решава прашањата од стратешка природа, како што се неотуѓивите права на народот, затоа ги сметал за релевантни, коишто не можат да му бидат ограничени и изменети. Народот (како и преродбениците коишто се бореле против ЦП: Прличев, Жинзифов, Миладинов ...) отсекогаш одбивал да ги прифати условите за „легализација” на Црквата во Македонија, таквата јурисдикција, којашто само административно се грижела за наплата на даноците од сиромашните парохии во Македонија. 



IX) Должност кон предците

Секоја епархија со својот епископ е самоуправна (автономна) Црква, додека, пак, таа станува автокефална, преку доволен број развиени епархии, при што независноста се добива од Врховниот црковен орган, којшто е Помесниот собор ‒ Црковно‒народниот собор. Се разбира, нејзината самоуправа може да биде само привремена, затоа што една епархија не може да има собор на епископи, но тоа не ја спречува да биде дел од Вселенската Црква, само ако таа самата не ја нарушува општата вера и љубов. Имаме само еден Отец ‒ Бог, сепак ние сме браќа, земното единство на Црквата во небесното примање на Христос[54]. Вселенското единство на Црквата во Македонија ќе биде зачувано само преку ограничувањата на Помесниот или Црковно‒народниот собор. Благодарение на ова небесно раководство, Црквата на земјата не го губи единството во никаква надворешна поделба.

Организацијата на Римската црква е различна од Православната. Нејзината земна централизација ‒ е човечко дело, и, ако некој автономен дел правно не припаѓа, тогаш „не припаѓа” ниту на Црквата. Тоа не е по вера, а она што не е по вера е грев. Што ќе се случи со неа, ако го изгуби својот земен центар ‒ авторитетот на папата? Православната Црква нема таков центар, но го зачувува единството преку различноста на центрите на Помесните Цркви во повеќе држави. Силата на Црквата не поседува апсолутен правен имунитет, не е изолирана организација којашто е надвор од законодавниот систем на државите. Црквата е правно лице, подеднакво како и сите други правни лица коишто ја управуваат својата сопственост, и не тежнеат кон надмоќност ‒ ова е класичен израз на нашата вера на Православната Црква, и кога е слободна, и во ерата на прогонството.




X) Проблемот на МПЦ‒ОА не е предмет на легализација, и некоја друга Помесна Црква (ниту Цариградската) ‒ не може да ѝ постави услови за легализација на „расколот”

За МПЦ‒ОА, прашањето за односите со некаква надјурисдикциска власт којашто се нарекува „вселенска”, е проблем што е веќе одлучен со каноните (2 канон од II Вселенски собор), слично како и мешањето на граѓанските власти во црковните работи. Канонски и двете активности се категорично забранети.

Состојбата на Црквата во Македонија од надворешно‒политички причини била, и сè уште е, исклучително тешка. Православната Црква од политички причини не ѝ го призна постоењето. Сепак, таа е организирана црковна целина. Според критериумите на црковно‒правната теорија, Црквата во Македонија не претставува само растурени или расфрлани места за молитва (храмови на десет верници), туку канонски одговорни парохии кон секој епископ и од секоја епархија, коишто се подредени и лојални на помесната јурисдикција. Таа постои како автентичен израз на соборна волја: епископ, клир, држава и народ ‒ преку живо и непрекинато присуство на Светиот Дух во Црквата. Канонската примена на административната организација има своја доследност и длабоко‒неизменлива свест дека егзистира како Помесна автокефална Црква, со уставно утврдени односи меѓу епископите по целата јурисдикција. Граѓанските власти ѝ ја овозможуваат слободата, ѝ го признаваат правото на Црквата да се само‒организира, согласно нејзините внатрешни закони.

Црквата во Македонија конечно стави крај на секаков надворешен авторитет, ниту постојан (траен), ниту екстериторијален, така што таа целосно се ослободи од историските присилувања врз клирот и верниците да богослужат на друг јазик. Не постои очекување дека таа би продолжила да постои како субординирана (потчинета) на која било автократска јурисдикција, поредок за којшто, пак, постои длабоко врежана свест дека е неканонски. Ваквата сигурност за својата валидност, ја црпи од идентитетот на мноштво епископи собрани во соборна волја како Помесна Црква којашто, преку своите епископи, живее на сигурен начин, потполн и независен начин на остварување на Телото Христово во Евхаристијата. Свеста и искуството го стекнала благодарение на соборното сведоштво што домородниот епископат го изразува во канонскиот избор на нејзините досегашни претстоители. Својата органска поврзаност како Помесна Црква во Вселенската Црква, го одржува преку Евхаристиското спомнување на сите Помесни Цркви. 

Аксиопистијата на странските фактори, на меѓународните организации, е желба и чувство на должност да им помогнат на спорните региони во светот преку: добротворни цели, „хуманитарни интервенции”, со принципи од концептот на интернационализмот. Принципите на меѓународната соработка имаат цел народите и Црквите да ги надминат разликите, така што меѓусебните долгорочни интереси на спорните држави имаат поголема важност од нивните краткорочни интереси и спорови. Лидерството на меѓународните организации настојува, исто така, и во Православната Црква да изградат споделени интереси на спорните региони (држави или Цркви).
Нивната политичка заложба за решавање на споровите во Православната Црква, е преку принципите на наднационалните интереси (супранационалните): формално и неформално здружување на интересите, свесни дека споделуваат одредени заеднички интереси. Меѓутоа, ниту нашата држава (Македонија), ниту, пак, МПЦ‒ОА, сè уште ги немаат етаблирано своите државотворни и црковнотворни интереси во светот, суверенитет и меѓународна правна еднаквост, за да може свесно и конструктивно да споделува интереси со други јурисдикции. Принципите на интернационализмот треба да им се признаат, само доколку нивните стратешки решенија не се провокативни ниту за една од страните на спорот, и не нанесуваат штети кон една од страните во спорот. Ако една од страните почувствува дека губи некоја од своите стратегиски определби, народот ќе побрза да се бори против, ќе создаде контрареволуција или отпор против каков било договор со непријателите на МПЦ‒ОА, бидејќи пријател не побарува правно ограничување и власт. Започнувајќи со востанието против Синодот, Архиепископот, против сите предавници и клеветници во сите видови процеси против нивната мајка Црква ‒ Охридската архиепископија или МПЦ ‒ нејзината наследничка (сукцесорот) од Третиот црковно‒народен собор, многу лесно и спонтано (како при првиот деградирачки договор од Ниш) ќе ги лоцираат главните виновници за неповолно договарање со непријателите на МПЦ‒ОА. Самиот народ, кој се изборил за наследството од МПЦ, нема да дозволи какви било услови за наводна легализација на нејзиниот „раскол”. Впрочем, народот не верува дека таа е нелегална, освен дека е заради политички причини (предмет на анексија од соседните држави и од соседните Помесни Цркви) изолирана од евхаристиска заедница со Православието. Целиот народ (сенародната експресија и волја) во Македонија е согласен на лојалност кон надлежните архијереи, доколку не направат стратегиски отстапки, доколку издржат во однос на: суверено‒црковните, националните, политичките и идеолошките определби, коишто, пак, во спротивно можат да извршат дестабилизирачки поделби.


Во МПЦ‒ОА не треба да се дозволи погрешно толкување на 28 канон. Засега, погрешните толкувања на канонот, само делумно ја искажаа главната злоба (анти‒канонскиот феномен) што предизвика распространета огорченост: полошо од каква било каноничност беше предлогот за договарање со некогашните уништувачи и прогонители на Охридската архиепископија, со срамна сервилност, лаги, клевета и предавство. Она што е важно за МПЦ‒ОА е, пред сè, моралната вистина, и секако формалната законитост, а не формалната законитост без вистина. Не треба да се дозволи злоупотреба на словото од каноните. Од канонски причини мора да се препознаат неовластените натрапници за субординирање на црковниот авторитет во МПЦ‒ОА, како внатрешно, така надворешно (во дијаспората). Очигледно е дека монаси неовластено договараат потчинување на МПЦ‒ОА (наизменично кон Бугарската и кон ЦП). МПЦ‒ОА се изборила за нејзината независност (сувереност или автокефалност), архиепископот Доситеј цврсто ја бранел од субординирачки договори со непријателите, и како лидер (и архипастир, кој ризично по својот живот) тргнал кон бескомпромисен пат, креирал адекватен модел (стратегиско‒политички) без да навлегува во неуспешни експерименти со компромиси. Неговиот бескомпромисен пат (завештанието на архиепископот Доситеј и на Третиот црковно‒народен собор) мора да биде неизменливо решение и за следните генерации (епископи и свештеници) на МПЦ‒ОА.
Правилноста на поредокот што МПЦ‒ОА го одржуваше во текот на овие години е одраз на два историски периоди.


Белешки:

[45] Rex non potest peccare го спроведува концептот на човек, кој самостојно си дозволува дека царот не може да направи ништо погрешно. Тоа е доктрината на монархиите, но уште полошо, доктрина на тиранијата. Максимата за непогрешливост (папски инфалибилизам) на некој субјект, кој е над законите, се однесува на владеењето во неограничена смисла. Тоа значи дека, таквиот суверен, индивидуално, неговиот природен капацитет е независен, и не е подложен на која било друга земна јурисдикција.

[46] Како што се вели кај Милаш: „Секој епархиски архијереј е поглавар на својата епархија” (Никодим Милаш, op. cit. [2004], 399). Во таа насока, пак, професорот по Канонско право Власиј Фидас вели: „Соборноста (заб. рамноправноста во системот на гласање со мнозинството), пак, претставува полнота на авторитетот, што значи комплетност, како и компететентност, за соочување со сите прашања што се однесуваат на правото на ракополгање и правото на судење на епископите. Заради тоа, еднодушната одлука на Соброт на епископи, за судење на епископ, како и мнозинската одлука за избор и ракополагање на епископ, е конечна и без право на жалба” (Власије Фидас, оp. cit., 132).

[47] Првиот, станува стварно прв, доколку меѓу другите се издигне со своите добродетели, со својата љубов кон другите и со своето служење на другите. Внатре, во кој било организиран систем, нужно мора да постои ἀρχή (начело, суверен принцип на добропостоењето), кој треба да е во можност да предизвика развојна (организациска и кадровска) промена, бидејќи сè што се движи (Синодот, Помесната Црква, Вселенската Црква), мора некој да го задвижи. Сè во Црквата се изразува преку начинот, на кој што постои Триипостасниот Бог. Епископот е прв во Црквата, кој, пак, според укажаната чест (евхаристиски) ја раководи братската заедница во Христос. Не постои власт над епископот во Црквата, посебно не над претстоителот на една Помесна Црква (Освен Синодот, Архијерејскиот собор и Црковно‒народниот [помесниот] собор). Сепак, епископот својата соборна волја ја изразува со другите епископи, не поради свое потчинување, туку поради сигурноста на границите на Помесната Црква, којашто треба да се поклопува со границите на политичката сувереност на државата. Но, зошто е потребен прв меѓу еднаквите епископи? Првиот, пред сè, евхаристиски нè интегрира, тој е само гаранција на собирањето. Првиот, пред сè, не се изразува преку власта над другите, туку тој се потврдува преку честа, што другите му ја укажуваат, поради тоа, што тој им служи на другите.

[48] Сè во Црквата се изразува преку начинот, на кој што постои Триипостасниот Бог. Епископот е прв во Црквата, кој, пак, ја раководи братската заедница во Христос. Зошто е потребен прв меѓу еднаквите епископи? Првиот, пред сè, ја обединува заедницата. Првиот, пред сè, не се изразува преку власта над другите, туку тој се потврдува преку честа, што другите му ја укажуваат, поради тоа, што тој им служи на другите. Доколку нема прв, секако, секој би бил самиот за себе, секој би бил прв, самиот во својата, од Бога дадена епархија. Но, првиот нè собира, во него сите се обединуваме и стануваме едно тело, како што се соединуваме во Господа. Така, тој е гаранција на единството.

[49] John Meyendorff, The Ecumenical Patriarchate: Yesterday and Today, in The Byzantine Legacy of the Orthodox Church (1982), Crestwood, NY, SVS Press, p. 254.

[50] Со сигурност е познато дека на 3 јули 1923 година, Турската влада планирала целосно протерување на Цариградската патријаршија од Турција. Ова му станало познато на финскиот сенатор Емил Нестор Сетијал, кој ветил дека, користејќи ги своите контакти во Шведска, ќе интервенира во Вселенската патријаршија, под услов да го реши проблемот со формирање на Финската и на Естонската црква. Што се однесува до Чешката Република и парохиите на Руската православна црква во Западна Европа, постапките на патријархот Мелетиј овде се доста конзистентни со неговата црковно‒политичка линија на превласт на Цариградскиот престол и во неговата новоформирана ужасна теорија за администрирање на „Вселенската” Црква.


[51] Заедничка точка на внатрешната црковна структура на една Помесна автокефална Црква е административното право и казненото право на самата Црква, коешто, во краен случај, како главна канонска примена, се повикува на првенственото право за судење (jus jurandi), во однос на правото за ракополагање (jus ordinandi) на епископите. Црквата што нема доволен број епископи за судење на епископ, 12 кои судат на еден кој е суден (12 канон од Картагинскиот собор), односно 13 епископи, не го исполнува принципот на канонското право да се нарекува автокефална, бидејќи мора да позајмува епископи за судење од патријашијата. Затоа се вели дека, таквата црковна структура е недоволно развиена, и заради казненото право е автономна. Спротивно, кога заедничката точка на административното право и казненото право се доволно развиени, при што административната организација на Црквата, како конститутивна основа има континуитет, без да има потреба од екстерни интервенции за судење епископи. Така се објаснува фактот, дека секоја реформа на правото за ракополагање, е последица од уредувањето на вршењето на правото за судење епископи.
Спореди: Власиј Фидас, op. cit. 123‒129.

[52] На територијата од Естонија, по Втората светска војна, дел од парохиите, коишто останувале под јурисдикција на Цариградската патријаршија, ѝ се придружле на РПЦ, а за надлежен бил назначен архиепископот Павле (Дмитровски). Од 1978 година, Томосот за Естонската Црква од 1923 година бил прогласен за неважечки од самата ЦП. Сепак, на 22 февруари 1996 година, без согласност на РПЦ, ЦП го обновила Томосот и воспоставила паралелна црковна јурисдикција во Естонија..
Во 1951 година, Чешката црква се стекнала со независност од РПЦ, којашто ЦП не ѝ ја признала. По распадот на СССР, православните Чеси и Словаци бараа помирување, а во 1998 година патријархот Вартоломеј го издаде својот томос, што всушност ги ограничува правата на Чешката Црква, и ја прави зависна од Цариград. Следната криза во Чешката и словачката Црква настана во 2013 година. По оставката на поранешниот претстоител, митрополитот Христофор (Пулц), според Повелбата на нивната Помесна Православна Црква, требаше да се избери нов претстоител. Сепак, претставникот на ЦП, митрополитот Емануил, при што изјавува дека Цариград нема да го признае изборот на ниту еден кандидат. Ова се должи на фактот, дека на чело на Чешката Црква настојуваат да постават свој човек, имено митрополитот Симеон (Јаковлевич). И покрај прилично тешката состојба, сепак митрополитот Растислав (Гонт) беше избран за претстоител на Православната Црква на Чешките земји и Словачка. Одговорот на патријархот Вартоломеј беше воспоставување паралелна јерархија, што доведе до поделба и зголемена напнатост меѓу чешките православни христијани. Конфликтот беше решен безбедно, со признавање на изборот на митрополитот Растислав, но само под услов, Растислав да обезбеди поддршка за (моделот/концептот) ЦП на Критскиот собор (одржан во 2016 год., без учество на сите Помесни Православни Цркви).

[53] Димшо Перић, Црквено Право, Правни факултет Универзитета у Београду, стр. 181.

[54] Од историјата, можеме да видиме дека понекогаш делови од Вселенската Црква не биле обединети со ништо друго освен со причестувањето од Едниот Леб ‒ Христос, Кој е една глава на небото. Прекинувајќи ја оваа мисла, да речеме дека Вселенската Црква е големо чудо од историјата. Помесните цркви живеат со векови расфрлани по светот, независно се управуваат, разделени со политички и национални посебности, во одделни територии, честопати под силно угнетување, лишени од земски (државен) обединувачки центар, без администрација и физичка комуникација меѓу себе. И со сето ова, тие го одржуваа единството на: догмите, верата и духот, без да згрешат нешто против заедничката Вистина; создадоа единствена братска, света, апостолска и универзална унија на Помесни автокефални цркви. Тоа е историски факт. Црквата не пропаѓа кога се уништува нејзиното надворешно единство. Таа не ја цели надворешната организација, водејќи сметка за зачувување на нејзината Вистина.

No comments:

Post a Comment